ДИК го утврди редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче

На гласачкото ливче под број 1 ќе биде кандидатот Блерим Река, под број 2 Гордана Силјановска-Давкова и под број 3 Стево Пендаровски

1168920
ДИК го утврди редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче

Во Државната изборна комисија денеска на јавна седница со ждрепка се утврди редоследот на единствената листа на кандидат за избор на претседател на Република Северна Македонија.

Блерим Река на гласачкото ливче ќе биде под број „1“, Гордана Силјановска – Давкова под број „2“, а Стево Пендаровски под број „3”.

На денешното извлекување на редоследот на кандидатите за претседател на гласачко ливче од Државната изборна комисија (ДИК) ги повикаа и ги замолија кандидатите, како и политичките партии што ги подржуваат за коректна, чиста, позитивна и европска кампања и тоа во интерес на сите, пред се на кандидатите, на нивниот интегритет, интересот на политичките партии, ДИК и во интерес на целата држава.

Зад кандидатурата на Блерим Река застанаа опозициските политички партии од албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Движењето Беса, Гордана Силјановска Давкова на претседателските избори е кандидат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, додека Стево Пендаровски е кандидат на владејачката коалиција (Социјалдемократски сојуз на Македонија, Демократската унија за интеграција и други 30 партии).

Од ДИК исто така порача дека до 1 април, кога почнува кампањата за претседателските избори, кандидатите за претседател треба да се воздржат од јавни настапи, изјави или се што би значело кампања.

Кампањата ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај оваа година.

                                                                                                                                         (Anadolu Agency-AA)



Слични вести