Никола Димитров се состана со дипломираните студенти од Македонија на универзитетите во Турција

„Во услови кога немавме многу пријатели и немавме многу симпатии, во нашето патување од прогласувањето на независноста во 1991 до ден денес, има еден пријател, а тоа е Турција“ - рече министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров

Никола Димитров се состана со дипломираните студенти од Македонија на универзитетите во Турција

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, денеска присуствуваше на работниот појадок организиран од Здружението на дипломирани студенти од земјава на универзитетите во Турција и Амбасадата на Турција во Скопје.

На појадокот, покрај заменик-шефот на Мисијата при турската Амбасада Лутфи Озтурк, присуствуваа претставници на турските институции и организации во земјата, како и преставници на Министерството на надворешни работи на Северна Македонија.

Во своето обраќање на темата „Македонската надворешна политика во услови на променлива динамика“, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, се осврна на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Турција.

„Во услови кога немавме многу пријатели и немавме многу симпатии, во нашето патување од прогласувањето на независноста во 1991 до ден денес, има еден пријател, а тоа е Турција која секогаш беше до нас“, истакна Димитров.

Потсетувајќи на средбата со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу во Анкара, во јануари, Димитров истакна: „На прес-конференцијата по средбата кажав нешто што не можам да го кажам за ниту една земја. На прашањето какви се билатералните односи и какво е македонско-турското пријателство, го употребив зборот романтични, што не е вообичаен збор за односи меѓу држави. Меѓутоа, во контекст на заедничката историја, на културните сличности, има една врска што вистина ги надминува и актуелните политики и политички партии.“

Министерот, исто така истакна дека членството на Северна Македонија во НАТО е една порака дека земјата е тука и дека ќе биде тука во овие граници, и дека влегува во системот на колективна безбедност кој покрива една милијарда луѓе, каде што е и блиска и братската Турција.

Во однос на соработката во образованието меѓу Северна Македонија и Турција, Димитров рече дека Северна Македонија е бавна во однос на визите на студентите од Турција, додавајќи дека од месец мај годинава студентите ќе можат директно да аплицираат за визи и дека овој проблем мора да се подобри.

Димитров, нагласувајќи дека има правен проблем во делот на заемното признавање на универзитетските дипломи, рече дека придобивките и позитивното во билатералните односи меѓу двете земји е поголемо од проблемите.

Заменик-шефот на Мисијата при турската Амбасада во Скопје Лутфи Озтурк, во своето обраќање на работниот појадок, заблагодарувајќи се на присуството на министерот Димитров, рече дека му е посебна чест во првите денови од неговата должност да се запознае со оваа посебна заедница.

Тој, исто така, упатувајќи ги поздравите на амбасадорката на Република Турција во Македонија Тулин Еркал Кара, рече дека не можела да учествува на средбата поради работните обврски во Турција.

„Меѓусебното почитување и разбирање се основата на билатералните односи меѓу Турција и Северна Македонија, а тие се базираат на братството, заедничка историја и заедничката култура“, нагласи Лутфи Озтурк.

Претседателот на Здружението на дипломираните студенти на универзитетите во Турција Исмаил Алији им се заблагодари на сите учесници на средбата и истакна дека тие како здружение имаат за цел да придонесат за турско-македонските односи.

                                                                                                                                 (Anadolu Agency-AA)



Слични вести