Северна Македонија и Грција потпишаа спогодба за отворање нов граничен премин

Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Сиа Анагностопулу, вчера во Скопје потпишаа Спогодба за отворање нов граничен премин во регионот на Преспанското Езеро, Маркова Нога - Лемос

Kuzey Makedonya Yunanistan yeni sınır kapısı anlaşması.jpg
Kuzey Makedonya Yunanistan yeni sınır kapısı 3.jpg

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Никола Димитров, вчера во Скопје оствари средба со Сиа Анагностопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Грција, која завчера и вчера престојуваше во работна посета на Република Северна Македонија.

За време на средбата во Министерството за надворешни работи, Димитров и Анагностопулу потпишаа Спогодба за отворање нов граничен премин во регионот на Преспанското Езеро, Маркова Нога - Лемос.

Ова е прв договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција, согласно одредбите од Конечната спогодба, со кој се очекува дополнителен развој во односите, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот Регион.

„На средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Анагностопулу, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на Преспанскиот договор, со цел осмислување и развивање сеопфатна и интензивна соработка во сите области, чија што крајна цел се позитивни, видливи и конкретни резултати во полза на граѓаните на двете земји. Беше рaзговарано и за поддршката што Грција ѝ ја дава на нашата земја во контекст на евроинтегративниот процес“, се вели во писменото соопштение од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.

По средбата, во изјавата за медиумите Никола Димитров изјави дека договорот за отворање нов граничен премин е историски.

„Задоволство ми е што овој договор за отворање на граничниот премин кај Маркова Нога во регионот на Преспа, го потпишавме на три јазика, на грчки јазик, на македонски јазик и на англиски јазик. Македонски јазик што е важен за нас, што го зборуваат граѓаните на Република Северна Македонија и нашата дијаспора и што не се однесува на грчките Македонци во контекст на членот 7“, нагласи Димитров.

„Ова е прва посета на министерот Сиа Анагностопулу надвор од Грција по нејзиното преземање на функцијата алтернативен министер за надворешни работи, што ја отсликува важноста што Владата на Грција им ја дава на односите со Република Северна Македонија“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.

                                                                                                                              (Anadolu Agency-AA)



Слични вести