Собранието на Бугарија го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери и претседателката на Народното Собрание на Република Бугарија Цвета Карајанчева го искажаа задоволството од свечениот чин на ратификација

Собранието на Бугарија го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО

Собранието на Република Бугарија, едногласно со 139 гласа за, го ратификуваше Протоколот на Северноатлантскиот сојуз за членство на Република Северна Македонија.

Како што информираа од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, тој и неговата колешка Цвета Карајанчева, одржале прес-конференција на која го искажале задоволството од свечениот чин на ратификацијата, кој е значаен за граѓаните на двете држави.

Џафери истакна дека парламентарното мнозинство и актуелната Влада во земјата работеа посветено на надминувањето на споровите кои го попречуваа нашиот евроатлантски пат, и како резултат на тој ангажман е потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, додавајќи дека тоа е Договор којшто веќе дава позитивни резултати.

Џафери рече дека минатата година е постигнат Договорот со Република Грција за конечно надминување на разликите околу името, повеќедецениски спор којшто ја држел земјата во статус кво ситуација.

„По толку години чекање пред вратите на НАТО, НАТО за нас станува реалност, односно по потпишувањето на Протоколот за пристапување во Брисел, започна фазата на ратификување на Протоколот за пристапување во националните парламенти на 29-те земји членки на НАТО и досега тоа го направија покрај Грција, Словенија, Албанија и ете денес, Бугарија. Убеден сум дека имањето на Република Бугарија покрај нас е силна гаранција дека и ние како земја, меѓутоа и целиот регион на Западен Балкан, ќе се развиваме и напредуваме во вистинскиот правец кој ќе донесе мир, стабилност, напредок и благосостојба за сите наши граѓани“, рече Џафери на прес-конференцијата.

„Убаво е да се има вистински и искрени пријатели, уште поубаво е чувството кога тоа се нашите непосредни соседи“, додаде Џафери.

Претседателката на Народното Собрание на Република Бугарија Цвета Карајанчева, посочи дека ратификацијата e значаен чин, бидејќи ја покажува посветеноста за решавање на проблемите во регионот, но и посветеноста за колективна безбедност и во цела Европа.

Таа посака прашањата да продолжат да се решаваат во духот на дијалогот и со консензус.

Карајанчева особено го истакна и значењето на потпишаниот Договор за пријателство и добрососедски односи меѓу двете држави.

„Со ова сме посилни, и наместо поранешната перцепција дека Балканот е место за поделби и конфронтации, сега Балканот е решителен за развој на мирот, стабилноста и суверенитетот на државите. Тоа ја покажува евроатлантската перспектива и заедно можеме да изнаоѓаме решенија“, рече Карајанчева.

Потсетуваме, на 6 февруари оваа година, во седиштето на НАТО во Брисел беше потпишан Протоколот за членство на Македонија во Алијансата.

                                                                                                                                (Anadolu Agency-AA)



Слични вести