Благодарност од Никола Димитров за безусловната поддршка на Турција на Македонија

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров рече: „Сметам дека кон нас, уште од првиот ден на нашата независност, па сѐ до денес, Турција е тука како поддржувач за сите големи стратешки цели, а тоа нема никогаш да го заборавиме“

1127971
Благодарност од Никола Димитров за безусловната поддршка на Турција на Македонија

Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, истакнувајќи дека целта за зголемување на билатералната трговска размена меѓу Турција и Македонија е реална цел, рече: „Ќе се обидеме да постигнеме размена од една милијарда не преку намалување на турскиот извоз, туку преку зголемување на македонскиот извоз“.

Димитров, кој се наоѓа во работна посета на Турција, се сретна со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, со кого одржаа тет-а-тет, како и меѓуделегациски средби. Димитров и Чавушоглу по средбите одржаа заедничка прес-конференција во зградата на турското Министерство за надворешни работи во Анкара.

Димитров истакна дека ова е негова прва работна посета на Анкара.

„Зборот бериќет е збор кој се користи и во македонскиот јазик. Сметам дека тој збор има многу добра порака. Додека доаѓав во резиденцијата на министерот за надворешни работи, врнеше снег. Тоа претставува бериќет и за турскиот и за македонскиот народ“, рече Димитров.

Димитров нагласи дека блиското и длабоко пријателство не треба да се покажува само со зборови, туку и со дела.

„Македонија цврсто стои покрај Турција во значајната борба против тероризмот, ние сме спремни и имаме политичка волја во рамките на нашите правни обврски во однос на националното и меѓународното право да сториме сѐ што можеме да ѝ помогнеме на Турција во ова значајно прашање“, додаде Димитров.

Димитров истакна дека треба уште повеќе да се зголеми билатералната економска соработка.

„Сметам дека оваа цел којашто ја поставивме за меѓусебната трговска размена од една милијарда долари, која сега изнесува половина милион долари, е реална, не е премногу амбициозна. Трговската размена во моментот е неизбалансирана, и е во полза на Турција. Ќе се обидеме да постигнеме размена од една милијарда не преку намалување на турскиот извоз, туку преку зголемување на македонскиот извоз“, нагласи Димитров.

- Благодарност до Турција за поддршката во членството во НАТО

Шефот на македонската дипломатија упати благодарност до Турција поради нејзината поддршка во насока на членството на Македонија во НАТО.

„Ние одлучивме да се соочиме со реалноста на проблемите, со решавање на тие проблеми, и сметаме дека не можеме да бидеме просперитетна земја доколку во регионот на Балканот постојат нерешени прашања. Македонија ќе биде партнер на Турција и на сите останати земји кои се заинтересирани за стабилен, предвидлив, пријателски и просперитетен Балкан“, додаде Димитров.

Димитров рече дека односите со Турција сака да ги опише со придавката „романтични“. „Пријателството е толку блиско што оди подалеку од постоечките политички идеологии, тоа е длабоко вкоренето во луѓето, бизнисите и граѓаните на двете земји", рече Димитров и додаде дека двете земји можат да направат повеќе преку фокусирање и поставување приоритети.

- Стабилноста на Балканот

„Сметам дека кон нас, уште од првиот ден на нашата независност, па сѐ до денес, Турција е тука како поддржувач за сите големи стратешки цели, а тоа нема никогаш да го заборавиме“, рече Димитров, додавајќи дека многу од целите на Турција и Македонија се совпаѓаат, и дека прашањето за стабилноста на Балканот е едно од прашањата на кои двете земји обрнуваат внимание.

„Сметам дека секогаш постои предизвик за политичарите во однос на подобрувањето на економската соработка, но сметам дека можеме да помогнеме, особено преку поставување приоритети и преку фокусирање, а постојат нешта кои можеме да ги унапредиме доколку соработуваме. Во контекст на образованието веќе имаме многу цели за реализирање“, истакна Никола Димитров.

 

                                                                                                                                    (Anadolu Agency-AA)



Слични вести