Македонија меѓу земјите со најголем број стипендисти студенти во Турција

Заменик-претседателот на YTB Сајит Јусуф истакна дека во моментов во Турција со турска стипендија се школуваат 153 државјани на Македонија, а заедно со студентите стипендисти од други институции, бројката на студенти од Македонија изнесува 900

1114078
Македонија меѓу земјите со најголем број стипендисти студенти во Турција

Сајит Јусуф, заменик-претседателот на Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB), изјави дека основна цел на стипендиите што Турција им ги доделува на студентите, особено на оние коишто се школуваат во Турција, е по завршувањето на школувањето да служат во развојот, просперитетот и социјалниот мир на земјите од кои потекнуваат.

Заменик-претседателот на YTB, Јусуф, за време на својата посета на Македонија по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во Македонија, во разговор за Новинската агенција Анадолија (Anadolu Agency-AA) говореше за работата и проектите на YTB.

Јусуф изјави дека Турција многу одамна обезбедува стипендии за турските сонародници во странство и за претставниците на сродните заедници. Тој потсети дека Големиот студентски проект за првпат го започнале во 1992 година, додавајќи дека земјите од Балканот во проектот се вклучени во 1993 година.

Јусуф информираше дека досега во Турција се школувале илјадници студенти, истакнувајќи дека таа младина потоа се вратила и ѝ служела на сопствената држава.

Потсети дека YTB е формирано во 2010 година, посочувајќи дека студентските проекти под името „Турски стипендии“ за првпат почнуваат да се спроведуваат во 2012 година.

Тој информираше дека секоја година околу 5.000 студенти од 163 земји од светот со стипендија се школуваат во Турција. „Бројот на стипендисти коишто досега дипломираа во Турција изнесува околу 20.000. Тоа е бројка само на оние стипендисти коишто дипломираа. Денес на целата територија на Турција, со турска стипендија се школуваат околу 17.000 студенти“, изјави Јусуф.

Јусуф рече дека Македонија е на чело на листата на земји со најголем број студенти кои со стипендии се школуваат во Турција. Тој истакна дека без да се прави етничка поделба, стипендии добиваат Турци, Албанци, Македонци, Бошњаци и припадници на други етнички заедници.

Јусуф информираше дека во моментов, во Турција со турска стипендија се школуваат 153 државјани на Македонија, а заедно со студентите стипендисти од други институции, бројката на студенти од Македонија изнесува 900.

- „Наш приоритет е тие да служат за развојот, просперитетот и социјалниот мир на своите земји“

Заменик-претседателот на YTB, Јусуф, рече дека „Големиот студентски проект“ претставува продолжување на турската традиција и желбата за помош која потекнува од Османлискиот период. „Тоа претставува продолжување на нашиот став за подавање рака кон нашите традиционални пријатели и браќа. Тука воопшто не станува збор за империјализам“, рече Јусуф.

Јусуф истакна дека единствена цел во рамките на проектот е студентите што се образувале во Турција, по враќањето да им служат на своите земји и сограѓани. „Наш приоритет е прво добро да се школуваат, но со сигурност да се вратат назад и да служат за развојот, просперитетот и социјалниот мир во своите земји. Да ги развијат тие земји“, вели Јусуф.

Додаде дека покрај студентите што се школуваат со турски стипендии, околу 150.000 лица од светот дипломирале во Турција. 

Овие лица коишто дипломирале во Турција, организираат дипломски средби во различни земји од светот.

Тој изјави дека досега во повеќе делови од светот се организирани околу 50 вакви средби на дипломци, додавајќи дека претстојните денови се планира организирање на една таква средба во Македонија.

Јусуф посочи дека во тие рамки, тоа се први чекори кон формирање Здружение на турски дипломци. 

„Денеска во 20 земји од светот има 23 регистрирани Здруженија на турски дипломци. Во фаза на основање се 8 до 10 нови здруженија. Наредната година планираме да стигнеме до бројката од 50 здруженија. Тие здруженија не се здруженија на YTB. За нив би можеле да кажеме дека се теренски партнери на YTB“, изјави Јусуф.

- „Нашите врати се затворени и за непријателите на Македонија“

Посочувајќи дека вратите се затворени само за оние коишто имале непријателски активности кон Турција, Јусуф рече: „Наш единствен услов е следното, вратата е затворена за сите оние кои имале непријателски активности кон Република Турција. По ова прашање немаме никаква толеранција. Нашите врати се затворени и за непријателите на Македонија. Каква било структура којашто претставува закана за националната безбедност на Македонија, некој терористички елемент или што било друго што ќе ја вознемири Македонија, истовремено и нас нè вознемирува. Но истовремено, она што нас нè вознемирува, би требало да ја вознемири и Македонија. Покажувајќи ја сета оваа чувствителност, потребно е и другата страна да ја покаже истата чувствителност.“

Истакнувајќи дека оние што го зборуваат турскиот јазик, во ниту една земја не биле фактор на нестабилност, Јусуф истакна: „Оние коишто зборуваат турски, никогаш не биле фактор на нестабилност во оваа земја. Не беа тука, во Македонија, во Косово, во Западна Тракија, во ниту едно место од светот. Не беа ниту во Ирак“.

 

                                                                                                                                                                  (Anadolu Agency-AA)

 



Слични вести