Поставен споменик на Мустафа Кемал Ататурк во Велес

Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски изјави дека споменикот беше откриен во чест на Денот на настава на турски јазик, како и дека споменикот е подарок од Општина Адалар од Турција, која е една од трите турски општини со кои Велес е збратимен

Поставен споменик на Мустафа Кемал Ататурк во Велес

По повод Денот на настава на турски јазик - 21 Декември, во Општина Велес вчера беше поставен споменикот на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк.

На настанот што го организираше Општина Велес присуствуваа советничката за култура и промоција при амбасадата на Република Турција во Македонија Чигдем Ѓулу, претседателот на Турската демократска партија (ТДП) Бејџан Илјас, градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, бројни претставници на општествено-политичкиот живот во Велес и Македонија од македонската и турската заедница, како и претставници на верските заедници и граѓани.

Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски изјави за Новинската агенција Анадолија (Anadolu Agency-AA) дека споменикот беше откриен во чест на Денот на наставата на турски јазик, како и дека споменикот е подарок од Општина Адалар од Турција, која е една од трите турски општини со кои Велес е збратимен.

„Мислам дека тоа е многу добар гест од наша стрна, не само што Ататурк е од потекло од Коџаџик, и затоа што учел во Битола, туку затоа што е многу значајна личност не само за турската туку и за светската историја", рече Коцевски.

Тој додаде дека ист ваков споменик во Македонија, има и во Центар Жупа.

Според градоначалникот на Општина Велес, веќе има најави дека туристички групи од Турција кои ќе дојдат во Македонија, ќе го стават Велес на мапата на дестинации кои ќе бидат посетени.

„Имаме уште еден подарок од братските општини од Турција, тоа е биста на Ататурк. Вчера најавив дека и таа биста ќе ја поставиме на соодветен постамент на локација што ќе ја одбере турска заедница во Велес", информираше Коцевски, додавајќи дека во една од трите турски општини со кои Велес е збратимен ќе биде поставен споменик на Кочо Рацин, поет од Велес.

Општина Велес е збратимена со три општини во Турција, Адалар, Каршијака и Чам, каде има и живеат бројни иселеници од велешко.

Инаку, Општина Велес брои околу 60.000 жители, од кои по етничка припадност најбројни се Македонците, потоа Бошњаците, Албанците и Турците.

 

                                                                                                                                                         (Anadolu Agency-AA)



Слични вести