Претседателот Ѓорге Иванов со честитка по повод 21 декември - Денот на наставата на турски јазик

"На сите припадници на турската етничка заедница Ви го честитам 21 декември - Денот на наставата на турски јазик" - напиша претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во својата порака со честитка

1111526
Претседателот Ѓорге Иванов со честитка по повод 21 декември - Денот на наставата на турски јазик

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 21 декември - Денот на наставата на турски јазик упати порака со честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

Пораката објавена на официјалната интернет страница на кабинетот на претседателот Иванов почнува со зборовите "Почитувани сограѓани" и се вели следното:

"Дозволете ми, од мое лично име и од името на граѓаните на Република Македонија, на сите припадници на турската етничка заедница да Ви го честитам 21 декември, Денот на наставата на турски јазик."

Велејќи дека можноста за образование на мајчин јазик е суштинска демократска вредност која придонесува за развој на културниот плурализам во една земја, Иванов напомена дека правото да се говори и твори на сопствениот мајчин јазик е едно од најзначајните човекови права, преку кои се создава, чува и промовира сопствениот и идентитетот на етничката заедница.

Ѓорге Иванов потсети дека во Република Македонија внимателно се негува долгата традиција на соживот и на заедништво, а воедно констатира дека  Македонија може со право да се гордее со достигнувањата и постигнувањата на сите етнички заедници кои се дел од нејзиното мултиетничко општество.

"Припадниците на турската заедница во Република Македонија активно придонесуваат за развојот и за напредокот на нашата држава. Изразувајќи благодарност за вашите досегашни заложби, Ве повикувам и во иднина, заедно, сплотени и единствени да продолжиме во градењето подобра и просперитетна Република Македонија." - напиша претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во пораката со честитка што ја објави по повод одбележувањето на 21 декември - Денот на наставата на турски јазик.
 



Слични вести