Македонија е лидер во регионот со својата посветеност кон мирот и стабилноста

Се залагаме за безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа, а Македонија е клучен дел од таа стабилност

1109712
Македонија е лидер во регионот со својата посветеност кон мирот и стабилноста

Заменик-државниот секретар на американскиот Стејт департмент, Џон Саливан, кој престојува во посета на Република Македонија, по средбата со премиерот Зоран Заев рече дека Македонија со својата посветеност кон мирот, стабилноста и соработката е лидер во овој регион од Југоисточна Европа.

„Се залагаме за безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа, а Македонија е клучен дел од таа стабилност. Секако, ја сметаме Македонија за лидер во регионот со оглед на нејзините заложби за мир, стабилност и соработка“, рече Саливан на заедничката конференција за медиумите, одржана по средбата со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.

Американскиот заменик-државен секретар упати пофалби за извршната власт во земјата, како и за, како што рече, храброто лидерство на пратениците во Собранието кои во октомри оваа година го поддржаа Преспанскиот договор, односно предлогот за пристапување кон уставните измени, нарекувајќи го тоа како „чекор за да обезбедат посветла иднина за Македонија и за нејзините граѓани“.

„САД силно го поддржуваат целосното спроведување на Преспанскиот договор кој на Македонија ќе ѝ овозможи да си го заземе заслуженото место во НАТО и во ЕУ како Северна Македонија“, рече Саливан.

Уставните измени се дел од Договорот од Преспа, кој владите на Македонија и Грција го потпишаа во јуни ова година, а според кој државата треба да го промени своето име во Република Северна Македонија. Во Македонија Договорот е во третата фаза од неговата имплементација и се очекува да биде усвоен во јануари следната година, по што е потребно да биде ратификуван и во Собранието во Грција.

Прашан да ги прокоментира неговите очекувања за спроведувањето на Договорот од страна на Грција, Саливен рече дека американскиот државен секретар Мајк Помпео минатата недела имал средба со грчка делегација, како дел од стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција.

„Ние се согласивме со грчките колеги за важноста на Преспанскиот договор и неговото значење за иднината на Грција. Спроведувањето на овој договор е важно за иднината на двете земји, како за Македонија, така и за Грција, како и за нивните односи“, рече Саливан.

Премиерот Заев рече дека посетата на Саливан е уште еден доказ за постојаната и континуирана поддршка на САД кон Република Македонија, додавајќи дека стратешкото партнерство меѓу двете земји е постојано афирирмирано на сите меѓусебни средби и посети на високо ниво.

„Во денешниот разговор потенцирав дека во Република Македонија создаваме услови за политички амбиент кој ќе ја овозможи реализацијата на Договорот од Преспа во целост, дека ги сведуваме ризиците на минимум и дека нема да ги препуштиме процесите на каква било случајност. Успешната завршница на овој процес во Собранието е нашиот билет за да влеземе во НАТО“, истакна Заев, и додаде дека останува земјата да продолжи да работи на потребните реформи за да до средината на наредната година испорача резултати со кои ќе може да ги отвори преговорите за членство во ЕУ.

Заев рече и дека Македонија останува цврсто на својата улога, да биде фактор на поврзување меѓу земјите од регионот и да ги охрабрува лидерите на земјите од Западен Балкан да бидат посветени на одржување на мирот, стабилноста и регионалната соработка.

„Градиме партнерство за еден нов Балкан, со силна поддршка на ЕУ и САД“, додаде Заев.

Саливан, кој престојува во Македонија во рамките на неговата посета на неколку европски метрополи, Братислава, Софија, Сараево и Варшава, се состана со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, а во текот на денот најавени се средби со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и со делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од собранинскиот претседател Талат Џафери.



Слични вести