Тачи: Војската на Косово ќе донесе повеќе мир и стабилност

„Тоа е војска која ќе го штити секој граѓанин на целата територија на Косово, без оглед на кој јазик зборуваат дома", рече Тачи.

1109141
Тачи: Војската на Косово ќе донесе повеќе мир и стабилност

Претседателот на Косово Хашим Тачи синоќа на вонредната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ на ОН) за ситуацијата на Косово, изјави дека формирањето на Војската на Косово е потполно нормална одлука, праведна по мисијата и целта и дека вооружените сили на Косово ќе донесат повеќе мир и стабилност за регионот.

„Ако сме направиле грешка, тоа е затоа што сме чекале пет години за тоа. Одлуката за војската можеби доцни, но не е погрешна. Косово како независна и суверена држава сега направи нормален, природен чекор кон формирање војска", рече претседателот на Косово, Хашим Тачи.

Тој рече дека одлуката не е во спротивност со Резолуцијата 1244 на СБОН, Уставот на Косово, Извештајот на Ахтисариј или меѓународното право.

„Членот 15 на Резолуцијата 1244 говори за разоружување на Ослободителната војска на Косово (ОВК), што е завршено без инциденти во септември во 1999 година", рече Тачи.

Тој рече дека Косово има неотуѓиво право на војска и дека тоа е волја на народот на Косово, „едногласен став на пратениците кои граѓаните ги избрале, без оглед дали тоа му се допаѓало некому или не".

Тачи рече дека формирањето на војска на Косово не е насочено против било кого и дека војската нема да биде закана, туку професионална и повеќенационална војска и дека од таа определба нема да се откаже.

„Тоа е војска која ќе го штити секој граѓанин на целата територија на Косово, без оглед на кој јазик зборуваат дома", рече Тачи и додаде дека единствена закана за регионален мир и стабилноста се „ирационални повици за војна и судири кои стигнуваат од северниот сосед на Косово".

Тој додаде дека неговиот народ поради трагично минато стравува од униформи, бидејќи војските на Косово секогаш биле странски, а дека војската на Косово ќе биде фактор на мирот и стабилноста и дека нивните напори ќе бидат координирани со НАТО.

Тачи рече и дека Косово има најголем број повратници и дека веќе од милион протерани граѓани, кои ги протерал режимот на поранешниот претседател на Југослвија Слободан Милошевиќ, се вратиле во домовите кои во 1999 година биле потполно уништени.

Тој додаде дека дијалогот и конечниот договор се потребни поради иднината, а дека Србија водела ужасна кампања против приемот на Косово во Интерпол но дека Косово и понатаму е определено за дијалог со Србија.

„Не поддржуваме судири, никогаш не предизвикавме судир, секогаш бевме жртви и се боревме за опстанок. Циклусот на насилство мора да запре", рече Тачи и додаде дека во иднина гледа Србија и Косово „седат рамноправни" на европска маса, а дека војниците на војските на Косово и Србија ги гледа како работат заедно во меѓународни мисии.



Слични вести