Заев на Самитот на SEI: Побаравме поддршка за процесите во ЕУ и во НАТО

Македонскиот премиер Зоран Заев рече дека со реформите и со Договорот од Преспа е отворен патот и дека Македонија ќе биде следната 30. земја членка на НАТО

1100471
Заев на Самитот на SEI: Побаравме поддршка за процесите во ЕУ и во НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев учествува на Самитот на шефовите на влади на земјите членки на Средноевропската иницијатива (SEI) во главниот град на Хрватска, Загреб.

Владата на Република Македонија соопшти дека по Самитот на шефовите на влади на земјите членки на Средноевропската иницијатива, премиерот Заев даде изјава за медиумите, при што го оцени Самитот како добра можност што ја даваат овој вид состаноци за Македонија да го повтори своето очекување за поддршка од земјите пријатели, за членство на нашата држава во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

„Ја побаравме поддршката од земјите членки за процесите во ЕУ и во НАТО. Македонија се истакнува во позитивно светло во градењето пријателство, добрососедските односи, реформите. Очекувањата се дека преку Македонија проширувањето ќе продолжи“, рече премиерот Заев.

Во одговорите на новинарските прашања тој рече дека при посетата на Загреб не се остварила средба со унгарскиот премиер Орбан, кој вчера присуствувал на вечерата што ја организираше хрватскиот премиер Пленковиќ со присутните шефови на делегациите на Самитот, но денеска не остана на Самитот.

„Во следна пригода ќе го искажеме очекувањето за одговор на барањето за екстрадиција за Никола Груевски, бидејќи тој според меѓународните конвенции и законите мора да ја отслужи својата казна во Република Македонија“, рече премиерот Заев. 

Претседателот на Владата, Заев, на прашањето дали има некаква порака од Хан, рече дека еврокомесарот Јоханес Хан е задоволен од Македонија и од постапките во Парламентот и внатрешниот дијалог на власта со опозицијата. Еврокомесарот Хан, како што рече премиерот Заев, споделил очекување дека ова ќе го овозможи потребното двотретинско мнозинство во Парламентот за уставните амандмани, во согласност со Договорот од Преспа. 

Премиерот Заев оцени дека добро се одвиваат реформите во правосудството и во безбедносните служби, и изрази очекување дека тоа ќе биде мотивација институциите да ги спроведат реформите. 

Во однос на очекувањето за членство на Македонија во НАТО, премиерот Заев рече дека со реформите и со Договорот од Преспа е отворен патот и дека Македонија ќе биде следната 30. земја членка на НАТО. 

Тој во одговор за односите Белград - Приштина децидно одговори дека и Србија и Косово се соседи на Македонија, дека Македонија е посветена на добрососедските односи, дека не се меша ниту учествувала во какви било состаноци во врска со ова прашање, и дека Република Македонија останува посветена на градењето добри односи со сите соседи. 

Шефовите на држави на влади на земјите членки на Средноевропската иницијатива, по работниот дел се на заеднички ручек со домаќинот, премиерот Андреј Пленковиќ.

 

                                                                                                                                           (АА)



Слични вести