Владата на Македонија побара од Унгарија екстрадиција на Груевски

„Владата на РМ очекува дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија", се вели во соопштението на Владата

1091864
Владата на Македонија побара од Унгарија екстрадиција на Груевски

Откако поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека Унгарија одговори позитивно на неговото барање за добивање политички азил, преку писмено соопштение до јавноста реагираше Владата на Република Македонија.

„Никола Груевски е осуден со правосилна пресуда во јавен и транспарентен процес, а истовремено против него се водат уште неколку судски постапки, истраги и уште една предистражна постапка. Осудениот Никола Груевски беше под полициска заштита согласно со правата кои му следуваа како поранешен премиер и тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот", се вели во соопштението на Владата.

„Против Никола Груевски никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту пак која било владина институција вршела закани по неговиот живот. Оттука констатираме дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата", стои во владиното соопштение.

Се додава дека Владата на Република Македонија официјално покрај протестната нота доставена вчера за улогата на амбасадите на Унгарија во неговото бегство од земјата и испрати барање за екстрадиција проследено со севкупната документација за процесите и пресудата.

„Владата на Република Македонија очекува дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право како земја членка на ЕУ и НАТО ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет", се наведува во соопштението.

Меѓу другото, во соопштението пишува дека „Република Македонија е правна држава во којашто владеат законите. Секој оној за којшто се докажало дека ги прекршил законите и секој оној за којшто има правосилна пресуда, ќе одговара за своите постапки".

 

 

                                                                                                                                                                                                                                                                                                                          (AA)



Слични вести