Никола Груевски: Унгарија одговори позитивно на моето барање за политички азил

„Денес Република Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил заради политички прогон во Република Македонија“, напиша поранешниот македонски премиер Груевски на Фејсбук

1091863
Никола Груевски: Унгарија одговори позитивно на моето барање за политички азил

Поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук потврди дека Унгарија одговори позитивно на неговото барање за добивање политички азил.

„Денес Република Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил заради политички прогон во Република Македонија. Во барањето за политички азил наведов дека истиот го барам заради политички прогон од новата влада предводен од партијата СДСМ. Наведов дека владата сака да ми ја одземе слободата користејки недемократски чекори и методи и злоупотребувајки го обвинителскиот и судскиот систем во Македонија", напиша Груевски.

Во објавата, Груевски напиша објаснување поради кое што побарал азил во Унгарија.

„Јас не избегав од правдата, туку користејки други меѓународно правно регулирани методи продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија", истакна Груевски.

Претходно, унгарските медиуми објавија дека унгарската Канцеларија за миграција и азил одобрила право на азил за поранешниот премиер Никола Груевски.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавка на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра. Против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела.

                                                                                                                                                   (AA)

 



Слични вести