Македонија упати протестна нота до Унгарија во врска со случајот со поранешниот премиер Груевски

МНР на Македонија соопшти дека амбасадорот на Унгарија во Скопје бил повикан во министерството и му била предадена протестна нота во врска со случајот со поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој пребега во оваа земја и таму се обрати за азил

1091517
Македонија упати протестна нота до Унгарија во врска со случајот со поранешниот премиер Груевски

Министерството за надворешни работи на Република Македонија го повика на разговор амбасадорот на Унгарија во Скопје Ласло Иштван Дукс во врска со последните информации околу бегството на поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски и неговото барање за азил во Унгарија.

Од Министерството за надворешни работи на Македонија соопштија дека амбасадорот на Унгарија во Скопје бил повикан во министерството на состанок кај државниот секретар Виктор Димовски, а според соопштеното, целта на состанокот била предавањето на протестна нота од македонската до унгарската страна.

„Димовски изрази надеж дека Унгарија во случајов ќе постапи во духот на добрите билатерални односи и на европските вредности и принципи поврзани со владеењето на правото, и во тој контекст веднаш и без одложување ќе го отфрли барањето за добивање на азилантски статус на осуденикот и бегалец од правдата Никола Груевски, и истиот ќе го предаде на Република Македонија заради издржување на изречената казна затвор, како и за продолжување и завршување на останатите судски постапки против него“, се вели во соопштението на македонското министерство за надворешни работи.

Бившиот премиер на Македонија Никола Груевски кој беше премиер на Македонија во периодот од 2006 до 2016 година, на 13 ноември на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во главниот град на Унгарија, Будимпешта и дека побарал политички азил од унгарските власти.

Груевски напиша дека во последните неколку дена примил безброј закани по неговиот живот.

Тој во својата објава на Фејсбук напиша: "Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам.“

Потоа и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија потврди дека Груевски е во Унгарија и дека побарал политички азил, по што распиша и меѓународна потерница по него.

Во објавеното сооопштение од Генералната дирекција на полицијата на Албанија пак, беше истакнато дека поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски кој на 13 ноември се обратил за политички азил до унгарските власти, на 11 ноември со возило во сопственост на унгарската Амбасада во Тирана преку граничниот премин Хани и Хотит од Албанија преминал во Црна Гора.

Црногорската полиција исто така ги потврди информациите на албанската полиција во однос на тоа дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември, но истакна дека тој истиот ден ја напуштил земјата.

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски е правосилно осуден на двoгодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавка на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра. Против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела.

                                                                                                                     (АА)

 



Слични вести