Албанската полиција соопшти дека Груевски од Албанија преминал во Црна Гора

Генералната дирекција на полицијата на Албанија соопшти дека поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски со возило во сопственост на унгарската Амбасада во Тирана преку граничниот премин Хани и Хотит од Албанија преминал во Црна Гора

1089285
Албанската полиција соопшти дека Груевски од Албанија преминал во Црна Гора

Полицијата на Албанија вчера се огласи во врска со тврдењата за преминот на поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски, официјално потврдувајќи дека тој излегол од граничниот премин Хани и Хотит во Скадар кон Црна Гора.

Во соопштението на Генералната дирекција на полицијата на Албанија се наведува дека Груевски користел возило во сопственост на унгарската Амбасада во Тирана.

„Одделот за граници и миграции при Државната полиција во врска со влезот и излезот од територијата на Република Албанија на граѓанинот Никола Груевски информира дека граѓанинот Никола Груевски на 11.11.2018 година, во околу 19:11 часот, излегол од територијата на Република Албанија преку граничниот премин Хани и Хотит кон Црна Гора, како патник во возило со регистарски ознаки CD1013A, во сопственост на унгарската Амбасада во Тирана“, се вели во соопштението.

Во полициското соопштение се нагласува и дека на 11.11.2018 година не постоела потерница за Никола Груевски, и дека Интерпол од Скопје на 13 ноември испратил соопштение до Интерполот во Тирана за меѓународна потерница за Груевски.

Претседателот на Албанија Илир Мета исто така реагираше во врска со случајот на поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски.

Мета одговарајќи на новинарски прашања на конференција одржана во албанскиот главен град Тирана истакна дека никој политичар не треба да бега од правдата и политичката борба.

Албанскиот претседател Илир Мета рече: „Јас мислам дека никој политичар, особено политичар со голема одговорност во неговата земја како во случајот за кој станува збор, не треба да ја избегнува правдата, ниту политичката борба. Не можам да судам во врска со случајот за кој станува збор, бидејќи се работи за друга земја, особено земајќи ја во предвид оваа позиција не би отворал дебата за ова прашање. Независно од тврдењата против него неговото заминување (од земјата) во извесна мера значи дека ги признава своите грешки.“

Инаку, поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски во вторникот преку својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што од унгарските власти ќе побара политички азил.

По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница по него.

Од друга страна, и министерството за надворешни работи на Македонија соопшти дека министерот Никола Димитров телефонски разговарал со  својот унгарски колега Петер Сијарто, во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од страна на Груевски.

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес, вреден 570 илјади евра.

                                                                                                    



Слични вести