Бившиот македонски премиер Никола Груевски побарал политички азил во Унгарија

Бившиот македонски премиер Никола Груевски во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека се наоѓа во Будимпешта, во Унгарија и дека побарал политички азил од унгарските власти

1087283
Бившиот македонски премиер Никола Груевски побарал политички азил во Унгарија

Бившиот премиер на Македонија Никола Груевски побарал политички азил во Унгарија.

Никола Груевски кој беше премиер на Македонија во периодот од 2006 до 2016 година, на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во главниот град на Унгарија, Будимпешта каде што побарал политички азил од унгарските власти.

Груевски напиша дека во последните неколку дена примил безброј закани по неговиот живот.

Тој во својата објава на Фејсбук напиша: "Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам.“

Во меѓувреме и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија соопшти дека добило потврда од унгарското министерство за тоа дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил.

„По направените соодветни проверки, Министерството за внатрешни работи утврди дека лицето Никола Груевски, кое се бара заради извршување на казна затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание, се наоѓа во Република Унгарија. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил."- соопшти синоќа Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Македонското министерство за внатрешни работи воедно на својата официјална интернет страница објави дека е распишана меѓународна потреница за поранешниот премиер Никола Груевски, кој се бара за пронаоѓање и приведување заради извршување на казната затвор во траење од две години.

Исто така, во врска со информациите во јавноста дека Груевски се наоѓа во Унгарија соопштение синоќа објави и Министерството за надворешни работи на Македонија.

„Во врска со информациите во јавноста дека поранешниот премиер Никола Груевски пребегал во Будимпешта и побарал азил во Унгарија, денес во Министерството за надворешни работи беше повикан амбасадорот на Република Унгарија во Скопје Ласло Дукс, на средба кај државниот секретар Виктор Димовски, со цел проверка на информацијата и по дипломатски канали", се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Македонија.

Во соопштението се додава следното: „Во разговорот беше нагласено дека на својот европски и евроатлантски пат Република Македонија е цврсто определена да опстои на вредностите на градење на правната држава, функционирање на независното судство и борбата против организираниот криминал и корупцијата на сите нивоа, вклучувајќи ги и највисоките, што беше дел и од препораките во експертскиот извештај на Р. Прибе".

Како што информираат од македонското министерствот за надворешни работи, по средбата во Министерството, потврда за веродостојноста на информацијата е добиена преку Министерството за внатрешни работи.

Според добиени информации, полицијата во Скопје вчера започнала потрага по бившиот премиер Никола Груевски откако тој не се јавил на издржување на двегодишната затворска казна по добивање известување од судот дека судскиот доставувач не може да го пронајде за да му врачи решение веднаш да се упати во затвор.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен автомобил вреден 570 илјади евра, додека против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела.

Исто така, на 3 јули минатата година, Основниот суд Скопје 1 соопшти дека на обвинетите во случајот „Титаник“ меѓу кои е и Груевски, за злосторничко здружување, кршење на избирачките права и злоупотреба на службените овластувања, по службена должност им се определуваат мерки за претпазливост како што се обврска обвинетиот да се јавува кај надлежно службено лице во суд еднаш неделно, Привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање нова и Приврмено одземање на дипломатска патна исправа.

 



Слични вести