Референдумот за спорот со името со Грција ќе се одржи на 30 септември

Одлуката за распишување на референдумот беше изгласана со мнозинство од вкупниот број пратеници, односно 68 од вкупно 120 пратеници

1022753
Референдумот за спорот со името со Грција ќе се одржи на 30 септември

Собранието на Република Македонија вчера со 68 гласови „за“ и без ниту еден глас „против“ или „воздржан“ одлучи на 30 септември оваа година да се одржи референдумот за името, кој ќе биде консултативен.

Спикерот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, рече дека референдумското прашање ќе гласи „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција“.

На гласањето не беа присутни пратениците на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, кои ја напуштија салата на Собранието откако нивниот пратеник Никола Мицевски го изрази ставот на партијата дека референдумското прашање е непрецизирано, двосмислено и манипулативно за граѓаните.

Претходно, пред гласањето за одлуката за референдумот, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе два амандмани на предлог-одлуката за распишување на референдумот, но не присувствуваа кога се ставија на дневен ред.

Одлуката за распишување на референдумот беше изгласана со мнозинство од вкупниот број пратеници, односно 68 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Македонија.

Покрај македонската опозиција која го отфрли референдумот, Алијансата за Албанците, исто така, изјави дека референдум не е потребен.

Лидерот на оваа партија, Зијадин Села, за време на дебатата за референдумот, рече дека ќе гласаат „воздржано“, истакна дека со договорот со соседната земја се елиминираат другите народи и дека албанскиот јазик не стои како официјален јазик.

За можен бојкот на референдумот од страна на македонската опозиција, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пред седницата изјави дека ќе одлучат повисоки органи на партијата и дека јавноста ќе биде известена.

Референдумот е дел од Договорот меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство на земјата во НАТО и за отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).



Слични вести