Средба Заев - Туск во Брисел: Отворен патот кон интеграција во ЕУ

На заедничката прес-конференција, премиерот Заев ја поздрави одлуката за датумот за преговори со Европската Унија – јуни 2019 година, заедно со препораката за скрининг на процесот до стартот на отворањето на поглавјата за преговори

1002260
Средба Заев - Туск во Брисел: Отворен патот кон интеграција во ЕУ

 Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пренесува Anadolu Agency (AA).

На заедничката прес-конференција, премиерот Заев ја поздрави одлуката за датумот за преговори со Европската Унија – јуни 2019 година, заедно со препораката за скрининг на процесот до стартот на отворањето на поглавјата за преговори.

„За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и општествен дијалог, со политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина. Денес Македонија е слободно општество, со еднакви можности за сите, по моделот на Европа за почитување на културната разноликост. Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес на кој Европската Унија му даде соодветен импулс со одлуката за преговори за Македонија“, рече Заев.

Тој истакна дека преговорите би завршиле со членство во 2025 година, токму како што предвидува Стратегијата за веродостојно проширување, од февруари оваа година.

„Ова е доволно време Република Македонија да ги реализира преостанатите фази од реформите, паралелно со преговарачкиот процес. Пред нас имаме конкретна цел. Сега нам ни преостанува самите да ја завршиме последната домашна задача и потоа гордо да влеземе низ портите на ЕУ. Искуствата од другите земји, кои во последните 20 години се зачленуваа во ЕУ и НАТО, говорат за поголем економски раст и поголем пораст на продуктивноста на трудот. Со зачленувањето во ЕУ расте и напредокот во структурните реформи за развој на приватниот сектор. ЕУ е најголем трговски партнер и придонесува за побрз раст на извозот за земјите членки“, порача премиерот Заев.

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, на оваа заедничка прес-конференција истакна дека одлуката за преговори на ЕУ со Република Македонија е резултат на реформите и на храброто лидерство во Владата на РМ и истакна дека проширувањето на Европската Унија е значајно и за безбедносните прашања на Унијата. 



Слични вести