Во Софија започна Самитот ЕУ-Западен Балкан

Тема на Самитот, кој се организира во рамките на бугарското претседатавање со Советот на ЕУ, е поврзувањето со цел унапредување на врските на ЕУ со Западен Балкан

973324
Во Софија започна Самитот ЕУ-Западен Балкан

Самитот на Европската унија (ЕУ) и Западен Балкан, кој има за цел потврдување на посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан, но и да укаже на потребата на многу поблиската соработка на самите земји на Балканот, како и развој на нивните добрососедски односи, започна денес во Софија.

Според официјалната најава на ЕУ, тема на Самитот, кој се организира во рамките на бугарското претседатавање со Советот на ЕУ, е поврзувањето со цел унапредување на врските на ЕУ со Западен Балкан, но и врските во регионот, особено во областа инфраструктура како и меѓу луѓето и дигиталната сфера.

На Самитот, покрај шефовите на државите и владите на земјите-членки и највисоките официјални претставници на ЕУ, исто така, присуствуваат и лидери од Западен Балкан. На Самитот учествуваат лидерите на Македонија,Албанија, Косово, Србија Босна и Херцеговина, и Црна Гора.

Од Република Македонија, на Самитот учествува премиерот Зоран Заев.

Домаќин на состанокот е бугарскиот премиер Бојко Борисов, а со состанокот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој ја претставува ЕУ, како и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Исто така на Самитот учествуваат и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, европскиот комесар за проширување и соседска политика Јоханес Хан, како и претставниците на Светската банка.

Овој собир треба да ја потврди посветеноста на ЕУ кон партнерите на Западен Балкан и дека регионот припаѓа на европското семејство како и потребата за многу поблиска соработка во соочување со заедничките предизвици, како безбедноста, миграциите, геополитичкиот развој и добрососедските односи.

„Целта на Самитот е да се потврди јасната европска перспектива за Западен Балкан, но без создавање на лажни очекувања. Процесот на пристапување во ЕУ за секоја земја ќе биде продолжен по веќе утврдениот пат и напредокот на секоја земја ќе биде оценет поединечно и објективно и во согласност со критериумите“, се наведува во најавата на Самитот.

Во најавата на Самитот е наведено и дека европската перспектива на Западен Балкан е еден од четирите приоритети на бугарското претседавање.

„Стабилноста и просперитетот на Западен Балкан се подеднакво од интерес за ЕУ, како и од интерес за граѓаните во регионот, бидејќи тие се предуслов за мир и просперитет во Европа“, се нагласува во најавата на Самитот.

На Самитот нема да учествува шпанскиот премиер Маријано Рахој, поради ставот на неговата земја за Косово, но Шпанија, сепак, ќе има свој претставник, односно некој дипломатски официјален претставник од пониско ниво, најавено е во Брисел. Во јануари Шпанија поднесе писмо пред усвојувањето на стратегијата за проширување на Западен Балкан, во кое „го стопира“ спомнувањето на Косово во тој контекст, но и одредницата WB6, односно „балканската шесторка“ поради тоа што со неа Косово се третира како држава.

За време на престојот во Софија, српскиот претседател Александар Вучиќ се состана со претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, како и со австрискиот канцелар Себастијан Курц, шведскиот премиер Стефан Левен и извршниот директор на Свестка Банка, Кристалин Георгиев.

Самитот започна со пленарната сесија за поврзување (connectivity), потоа следува работен ручек, а потоа заедничка прес-конференција на Туск, Јункер и Борисов.



Слични вести