Вратата на НАТО е отворена за нови членки

Добро е да се биде амбициозен, но важно е да се биде реален

891865
Вратата на НАТО е отворена за нови членки

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во обраќањето во Собранието на Република Македонија истакна дека во НАТО сеуште има место за подигнување на знамиња на нови членки на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столнтеберг, нагласи дека вратите на НАТО остануваат отворени за нови членки.

„Гледајќи го црногорското знаме како се издига пред седиштето на НАТО, навистна беше горд момент за мене. Има се уште место за подигнување на знамиња за нови членки на НАТО”, рече Столтенберг говорејќи за патот на интегрирање на Македонија во НАТО Алијансата.

- „Прашањето за името му тежи на регионот и на Македонија“ -

Столтенберг се осврна и на спорот со името којшто Република Македонија го има повеќе од две децении со нејзиниот јужен сосед Грција.

„Добро е да се биде амбициозен, но важно е да се биде реален. Има уште работа што треба да се сработи. Ова секако значи решавање на прашањето со името на вашата земја, ова е прашање коешто му тежи на овој регион и на вашата земја веќе подолго време. Ја поздравувам волјата која вашата влада ја покажа за решавање на ова прашање во текот на вчерашната средба во рамките на ОН во Њујрок, каде што беше направен уште еден важен чекор. Охрабрен сум од напредокот и Ве поттикнувам за вашата шанса да се придвижите напред. Сепак, членството во НАТО е многу повеќе од решавање на прашањето за името”, рече Столтенберг.

Тој го изрази своето задоволство што има можност да се обрати пред пратениците во Собранието, и потсети дека повеќе од 15 години мажите и жените од високо квалификуваните армиски сили на Република Македонија беа рамо до рамо со своите меѓународни учесници на мисиите во НАТО, донесувајќи безбедност и стабилност во Авганистан.

„Ви благодарам за се што стори вашата земја во однос на поддршката на меѓународната безбедност”, рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО истакна дека во 2001 и во 2002 година НАТО даде значителен придонес за безбедноста на Република Македонија, но истакна и дека се уште, НАТО има советодавна улога.

„Но, денес стојам пред вас за да говорам за посветлата иднина којашто ја градите за Вас, зборувам за вратите коишто ги отворате”, потенцираше Столтенберг.

Тој рече дека НАТО е најуспешната воена алијанса во историјата, и истакна дека се вклучени во Западен Балкан повеќе од две децении.

- Сакаме Западен Балкан да биде безбеден и стабилен -

„Вклучени сме во Западен Балкан во изминатите над две децении, сакаме овој регион да биде напреден, стабилен и безбеден. Сакаме оваа земја да биде безбедна, просперитетна и слободна”, додаде Столтенберг. Тој исто така нагласи дека сите пријатели во НАТО Алијансата ја поддржуваат Република Македонија во нејзините напори да стане дел од ова семејство.

- Столтенберг: Ме шокираа настаните од 27 април во Собранието на Р. Македонија -

Во своето обраќање, генералниот секретар на НАТО се осврна и на насилните настани од 27 април минатата година, во Собранието на Република Македонија.

„Настаните во оваа зграда во април минатата година, токму во оваа сала ме шокираа и беа шок за сите членки на НАТО. Сепак ние сме видно импресионирани од она што го видовме од овој ден натаму. Сакам да го изразам задоволството за она што сите го сторивте во формирањето и создавањето на нова поинклузивна политичка култура, нов дух, гледање напред, оптимизам и истрајност”, рече Столтенберг.

Истакна дека како поранешен пратеник и премиер на Норвешка, ги разбира предизвиците со кои се соочува Македонија.

„Долгата политичка кариера ме научи колку поинклузивно е едно општество толку е и поуспешно. Диверзитетот е сила, а не слабост”, рече генералниот секретар на НАТО.

Потсети на правата и обврските кон Договорот од Вашингтон, за кој рече дека земјите потписнички ја искажале својата посветеност на принципите на демократијата, волјата и владеењето на правото.

Столтенберг истакна дека овие принципи го дефинираат тоа она што е НАТО денес.

„Оттука силно го поздравувам вашето продолжување на патот кон ЕУ, тука го вклучувам и членството во НАТО”, потенцираше Столтенберг.

Тој исто така потсети на зачленувањето на Црна Гора, која стана 29 земја-членка на НАТО. Додаде дека Црна Гора во НАТО Алијасата има еднаков глас во дискусиите во рамките на НАТО, има еднакви права но и одговорности како и сите други земји членки.

Во својот говор, Столтенберг истакна дека НАТО го препознава ентузијазмот и сака Македонија да успее во својата намера да биде земја-членка на Алијансата.

- За членство во НАТО потребно е спроведување на реформи -

Во текот на своето обраќање кон пратениците, Столнтеберг потсети дека земјите аспиранти мора да покажат дека ги споделуваат вредностите на НАТО, објаснувајќи дека тоа значи истрајување на патот на реформите. Упати честитки до Владата на Република Македонија за реформите и за планот 3-6-9.

Порача дека усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во Парламентот беше важен чекор за Република Македонија. Исто така, порача и дека транспарентноста, одговорноста, надзорот на службите за разузнавање и безбедност и реформите во судските реформи, мора да продолжат.

„Се надеваме дека ќе видиме сличен напредок во реформите за медумите, изборите и владините финансии. Сите имате одговорност. Не само да носите закони, не само да имплементирате реформи, туку да го оделотворите она што може да биде оваа земја - слободна, демократска и земја што го почитува владеењето на правото”, рече Столтенберг во обраќањето до пратениците.

Додаде и дека од клучно значење во сите процеси е и улогата на опозицијата.

Столтенберг истака дека ја препознава и суштинската улога којашто ја игра граѓанското оптштество, давајќи помош во реформите и одржувајќи го напредокот на земјата.

- Односите со соседите важни за регионот -

Се осврна и на односите со соседите и односите на Македонија со земјите во поширокиот регион.

„Важни се односите со вашите соседи, за што членовите на НАТО исто така се импресионирани. Ви честитам на ратификацијата на Договорот со Бугарија и ве охрабрувам да продолжите вака со односите во регионот”, порача Столтенберг.

- Вратата на НАТО е отворена за нови членки -

Во својот говор, тој ги поздрави и посветеноста на Владата во однос на реформите на полето на одбраната и зголемувањето на буџетот за АРМ.

„Вратата на НАТО е отворена за нови членки, но преминувањето на прагот бара работа”, рече Столтенберг и додаде дека НАТО ќе ја поддржува Македонија во нејзините напори да го подобри образованието во одбраната и во борбата против корупцијата во одбранбениот сектор.

На крајот од својот говор, тој истакна дека Македонија во период од 9 месеци до денеска се претвори од држава со потенцијална нестабилнот, во држава која има реални можности.

„Денеска, вратата е отворена кон реформите, кон подобрите односи со соседите, кон подобрите трансатлантски односи, кон ЕУ и НАТО како и кон нова, посветла и просперитетна иднина”, заклучи Столтенберг.

За време на обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Собранието на Република Македонија, пред Собранието протестираа десетици граѓани собрани од, како што рекоа, различни македонско-патриотски организации од една страна, и неколку активисти од Левица, од друга страна.

Активистите на Левица протестираа против членството на Македонија во НАТО, кое, според нив, не треба да се случи во ниту еден случај, додека другата група демонстранти рекоа дека се спротивставуваат на последните политики на владата, особено на Законот за јазиците.



Слични вести