Прелиминарни резултати од ДИК: ВМРО-ДПМНЕ 452.709, СДСМ 436.469 гласови

Според објавените последни најнови прелиминарни резултати од предвремените парламентарни избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ води со освоени 452.709 гласови (38,06%) пред својот ривал коалицијата на СДСМ со 436.469 (36,69%) гласови

628965
Прелиминарни резултати од ДИК: ВМРО-ДПМНЕ 452.709, СДСМ 436.469 гласови

Државната изборна комисија (ДИК) на Република Македонија ги соопшти прелиминарните резултати одржаните предвремени парламентарни избори вчера во недела.

Според тоа по обработени 99,72 отсто од гласачките ливчиња во 3.514 од вкупно 3.524 избирачки места, коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 452.709 гласови (38,06%), коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ 436.469 (36,69%), Демократска унија за интеграција (ДУИ) 86.812 (7,30%), Движење Беса 57.927 (4,87%), Алијанса за Албанците 35.091 (2,95%), Демократската партија на Албанците (ДПА) 31.017 (2,61%) гласови, ВМРО за Македонија има освоено 24.449 гласови (2,06%), Левица 12.119 (1,02%), Коалицијата за промени и правда - Трет блок 10.083 (0,85), Либералната Партија (ЛП) 3.840 (0,32%) и Партијата за демократски просперитет (ПДП) 1.142 (0,10%) гласа.

На изборите во 6 изборни единици на територијата на Република Македонија во избирачкиот список беа заведени вкупно 1 милион 784 илјади 416 бирачи од кои своето право на гласање го искористија 1 милион 189 илјади 481 бирач, додека 37.812 гласачки ливчиња беа неважечки. 

Процентот на учество на изборите изнесува некаде околу 66-насто.

Според пресметките кои што почнаа да се прават владејачката коалиција „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од главната опозиција партија Социјалдемократскиот сојуз СДСМ 49, а албанските партии вкупно 20 пратеници.

Во меѓувреме СДСМ наведува дека има освоено ист број на пратеници со ВМРО-ДПМНЕ, односно по 51 пратеник.

Претседателот на ДИК Александар Чичаковски истакна дека конечниот број на пратеници ќе биде објавен во текот на денот.

Во меѓувреме Демократската Партија на Турците која учествува во коалицијата за „За подобра Македонија“ под водство на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде претставена со еден пратеник во Собранието, а еден пратеник во Собранието ќе испрати и Партијата за движење на Турците која зазеде место во коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ.

Од Демократската Партија на Турците е избран Јусуф Хасани, а од Партијата за движење на Турците Енес Ибрахим.



Слични вести