Одбиена препораката за прием на Косово во УНЕСКО

На Генералната конференција на УНЕСКО во Париз со 92 гласа за, 50 гласа против и 29 воздржани Косово не е примено во членство на УНЕСКО

365071
Одбиена препораката за прием на Косово во УНЕСКО

Косово не е примено во полноправно членство на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО).

Одлуката е донесена со јавно гласање на Генералната конференција на УНЕСКО, кое се одржува во Париз.

За приемот на Косово гласаа 92 земји, против беа 50, додека воздржани беа 29.

На гласањето учествуваа 142 земји членки на УНЕСКО, а за прием на Косово беа потребни 95 гласа од вкупно 195 земји членки, односно се бараше кворум од двотретинско мнозинство.

Извршниот совет на УНЕСКО минатиот месец со просто мнозинство гласови и препорача на Генералната конференција да ја „признае Република Косово како членка на УНЕСКО“.

Претходно, Генералната конференција со просто мнозинство гласови го одби барањето на Србија за одложување на гласањето за прием на Косово во таа светска организација за две години.

Откако Србија поднесе барање за одложување на гласањето, следеше расправа помеѓу претставниците на земјите, кои ја поддржуваат Србија и оние кои го поддржуваат Косово.

Внимание привлече тоа што пред чинот на гласање претставникот на Србија им раздаде на претставниците на земјите членки на УНЕСКО фотографии на како што наведе разрушени или оштетени српски гробишта и цркви на Косово.  

Србија ја поддржаа Русија, Аргентина и Куба, а Косово, САД кои немаат право на глас, потоа Велика Британија и Германија.

Претставникот на Велика Британија истакна дека би било преседан да се одбие препораката на Извршниот совет за приемот на одредена земја, додека Кина наведе дека приемот на Косово негативно би се одразил врз дијалогот помеѓу Косово и Србија кој со посредништво на ЕУ се води во Брисел.

Генералната конференција на УНЕСКО во Париз започна на 3-ти ноември и ќе трае до 18-ти ноември.

Во меѓувреме од страна на Русија, како една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН со право на вето, се попречува и полноправното членство на Косово во ООН, кое се стекна со својата независност во 2008 година.


Тагови:

Слични вести