Тенка е линијата помеѓу патриотизмот и национализмот

Автор на програмата е Ремзи ЏАНОВА

1530311
Тенка е линијата помеѓу патриотизмот и национализмот

 

Според анализата на социолозите, суштината на сите организирани системи или општества, било да се работи за поединци што би се рекло живи суштества или заедници, држави или општества, е тоа дека се наоѓаат во некое окружување кое на битен начин влијае на судбината, опстанокот, успешноста на тој организам. Многу е битно за тој организам или организација да го разберат своето окружување, ако е можно, да утврдат некои правила во однесувањето на тоа свое опкружување и да се прилагодат на истото. Секако, постојат ретко исклучоци, кога организмот е во состојба толку да влијае на своето окружување што воопшто не му е важно што во тоа окружување се случува, бидејќи тој го дефинира. Општество или систем кој смета дека воопшто не е битно што се случува внатре во тоа општество или во светот, кој е природно окружување на таа земја, туку смета дека таа земја или општество е толку моќно да може да го обликува и дизајнира своето сопствено окружување. Но мора да се истакне дека во историјата неколку пати се појавиле такви примери, кои воделе кон судир со реалноста. Се испоставило дека ниедно општество, или идеологија не е доволно моќно да го контролира своето окружување. Секој кој пробал да го направи тоа, на крај доживеал дебакл.

Оној кој мисли дека неговото окружување е само сцена на која тој ги дефинира своите правила, извесно време може да живее во таа илузија. После извесно време тој се судира со последиците на својата ароганција, така што на крајот страда. Значи, суштината е во тоа секоја заедница или општество реалистично да го сфати своето место во еден многу поголем систем. Тоа е некоја општа теорија на општеството и колку и да изгледа тривијално, таа е многу поучна, бидејќи ние како народ често ја занемарувавме и баравме оправдување во тоа дека ние не сме тука, во овој свет. Но за жал некои заедници или општества како што е македонското никако да го разбере ова. Бидејќи дел од македонската заедница или народот, себеси се смета за небески народ, или како што се случи пред неколку дена За Гоцевата раса (?).

Да потсетам дека деновиве Република Македонија се соочи со една националистичка “агресија“ од официјална Бугарија, која и од оваа страна на границите ги разбуди исто така “дежурните“ националисти и патриоти, кои не заостануваат многу зад оние од Софија. По навистина значајната и спектакуларна победа на фудбалската репрезентација на Македонија над нејзиниот соперник Грузија, со што прв пат во својата историја обезбеди пласман во завршниот турнир на европските нации. И со право се радуваа фудбалерите на македонската репрезентација и сите граѓани на Република Северна Македонија. Но една црна дамка на овој среќен и весел настан фрли бездруго излегувањето од контрола на коментаторот на МТВ кој го коментираше овој натпревар за телевизиските гледачи во Македонија, кој се однесуваше како да се наоѓа на некој политички митинг. Паѓајќи во еден момент во транс дека сите други нации ќе стојат мирно на националната химна на Македонија на овој фудбалски настан кој до година ќе се случи во неколку европски земји. Но за да биде сликата уште поцрна се погрижија самите фудбалери на репрезентацијата, се разбира македонскиот дел од екипата). Како и многу пати досега Македонците (пак еден дел) покажаа дека не знаат ниту да се радуваат честито. Иако барем најмалку половината на  македонската репрезентација ја сочинуваа фудбалери од албанска, турска и други немакедонци, фудбалерите Македонци од репрезентацијата “утопувајќи се“ во виорот на национализмот и патриотизмот започнаа да ја пеат онаа позната песна “ја излези момче на тераса, да ја видиш Гоцевата раса“ заборавајќи дека во оваа победа фудбалерите од немакедонската заедница како што беа Елиф Елмаз, Ерџан Алиоски, Висар Муслиу, Егзон Бејтулаи, Аријан Адеми и др. Имаа придонес најмалку колку што имаа придонес Горан Пандев, Иван Тричковски, Илија Несторовски, Александар Трајковски и др., но овие горе споменативе не спаѓаат во Гоцевата раса. Затоа требаше ли на една ваква прослава на заедничката победа, македонските фудбалери да се покажат како големи националисти и патриоти, запоставувајќи ги своите колеги кои само миг пред тоа на теренот “гинеа” за оваа победа на Македонија. Кажано поинаку, македонските фудбалери, а нешто потоа и македонските навивачи на скопскиот плоштад ја пречекорија онаа тенка линија меѓу патриотизмот и национализмот, заборавајќи на своите другари од репрезентацијата кои исто толку се радуваа колку и тие, но не како претставници на Гоцевата раса, туку како рамноправни граѓани на оваа наша мала заедничка татковина наречена Македонија. “Патриотизмот” кој по овој натпревар премина во отворен национализам. Заборавајќи дека патриотизмот е во тесна врска и корелација со национализмот. Патриотизмот во едно мултиетничко и мултикултурно општество не смее да се поврзува со нагласокот на љубов кон сопствениот народ, неговата религија и други вредности кои ги носи една целна група. Ако овој вид на идентификација преовлада, тогаш нема патриотизам туку чист национализам.

Автор на програмата е Ремзи ЏАНОВА, новинар во Скопје.



Слични вести