Кој ќе победи на изборите на 11 декември во Македонија?

Уште недела дена до изборите, атмосферата во Македонија може да се опише на секаков начин, но секако не како предизборно трескавична или напната

622467
Кој ќе победи на изборите на 11 декември во Македонија?

Уште недела дена до изборите, атмосферата во Македонија може да се опише на секаков начин, но секако не како предизборно трескавична или напната. Се разбира, доколку не сте член или огнен поборник на некоја од понудените опции за гласање. Но, земено во целина, тешко дека Македонија досега била соочена со поголема апатија, безволност и недостаток на интерес кај обичните граѓани. Чувство на бескрвност и недостаток на жар кој е во директен контраст со насловите на партиските гласила поради кои се чини дека секој час ќе предизвикаат експлозија на страсти и гнев прелеан низ улиците.

    Да чукнеме во дрво и да се понадеваме дека така ќе остане и во следните ситни предизборни дни. Бидејќи, не е дека партиските големци не се докажано кадарни во самиот финиш да приредат некоја бурна пресвртница поради која еден ден ќе гласаме, а цели години ќе болуваме и патиме. Всушност, самата апатичност и дистанца на гласачите е доволно провокативна за да ја потпали ревноста на партиите да дадат повод за прерано зимско будење на успаната нација. Но, со оглед на сите искуства, сите атаки и севкупното историско искуство на луѓето од ова поднебје, прашање е дали стекнатиот имунитет на дневни политики и избледени смисли на наслови во болдирана црнина се' уште можат да предизвикаат нешто што по половина час нема да биде наполу пресечено како „секое чудо за три дена“.

       Мора да се истакне дека, ВМРО-ДПМНЕ ја искористи кампањата за менување на матрицата од агресија кон дефанзива, фокусирајќи се на одбраната на земјата од бауците на федерализација и двојазичност како главно јадење, додека пак економијата е повеќе како гарнир и повод за фотосесии.

        Пискотници ечат од сите страни што голема несреќа ќе не' снајде ако падне власта на изборите по една деценија владеење .          „Отиде Македонија ако победи Зоран Заев на избори. Останавме и без држава, без македонскиот јазик и идентитет. Македонија ќе биде распарчана на федерални кантони„. Страшилото од минатиот век на примитивниот национализам и шовинизам, на омраза, нетрпеливост и делби повторно го оживеаја Никола Груевски и неговите приврзаници  смртно исплашени не од федерализација и двојазичност, не од Албанци, од Македонци, од Турци, од Срби, од Власи, од Бошњаци и од Роми. Не од муслимани, христијани, католици, адвентисти, агностици и атеисти, туку од тоа што пред портите е Заев со најмоќното оружје против еден корумпиран режим, а тоа е неговата цврста определба дека ќе ги врати правдата, слободата и демократијата.

      Пристап кој за повнимателните набљудувачи не е изненадувачки, доколку се навратиме на претходните напливи на написи за федерализацијата кои секогаш се поклопуваа со навестувањата за одржување на изборите. Во раскошната наратива на ВМРО-ДПМНЕ за федерализацијата недостасуваат некои битни детали “. На пример, би било интересно од Груевски лично да слушнеме збор-два за темата на разговорите помеѓу него и експремиерот Хашим Тачи на средбата одржана неколку дена пред пукањето на „бомбите„ (се мисли на обелоденувањето од страна на опозицијата, на тајните снимки од нелегалното прислушување) и неколку месеци пред „прштењето“ на куршумите во Куманово.

       Какофонијата во македонскиот кампус е секако вештачки наметната и диктирана, со измислени национал-политички дистинктиви кои треба да ја дефокусираат јавноста од колапс на системот и неразрешливата криза која овие избори можат само да ја одложат, но не и затворат. Но, затоа, во албанскиот кампус состојбата се тетерави помеѓу комичното и очајното, со спротиставени партии кои единствено кога молчат успеваат да не заличат како раштиман хор на иста песна, со различен ритам.

   Лидерот на опозицијата Зоран Заев се' повеќе остава впечаток дека е искрен и непоколеблив кога вели дека сите што се огрешиле од законите ќе се соочат со судската правда и се' што е украдено, до последна пара, ќе се врати на граѓаните на Македонија. Голема е шансата за еднаквост на сите граѓани и пред законите и пред институциите. Тоа се темелите на крупните промени кои ги нудат опозицијата и Зоран Заев, кој со својата верба во тоа и со својата храброст и сугестивност се' повеќе стекнува симпатии кај неопределените гласачи. Најважната недовршена работа во овие неколку дена кампања останува во ослободувањето од стравот од стегите на режимот и зависноста од гола егзистенција кај се' уште голем број граѓани. Зоран Заев не е од вчера политичар, добро знае дека нема да опстане ни една година на власт ако не ги исполни ветувањата кои се историски, а тоа е воспоставување демократски систем со независно и професионално функционирање на сите институции на системот и што е најважно со воспоставување на уставните норми на поделба на власта на извршна, законодавна, судска, монетарна со силна поддршка на независни и слободни медиуми.

     Освртот кон ова  предизборие би бил нецелосен доколку сета вина ја фрлиме единствено врз големата четворка и матрицата која ја имаат создадено и не успеваме да ја срушиме. Причината за неуспехот е лесно изнајдлива доколку поминеме неколку часови во следење на (не само) предизборните дебати на домашните телевизии и печат во кои се' потешко е да се заклучи кој е модератор, а кој партиски претставник. Вкочанетоста, стравот од летање, конфузноста и дебатно темпо ги има обесмислено дебатите и лишено од секаква провокација и интерес за обичниот граѓанин. Нема сомневање дека македонските медиумски првенци очигледно ја немаат целосно разбрано горчливата поука која нивните британски и американски колеги предоцна и на општа разочараност ја имаат извлечено од Брегзит и победата на Трамп. Дека реалноста можеш да ја игнорираш некое време. Ја моделираш според сопствен ќеф извесно време. Живееш на стара слава и купено време. Но, кога-тогаш реалноста ќе возврати . Во секој случај, на 11 декември некој ќе победи, но јавноста секако е веќе однапред осудена да изгуби.

(Авторот Ремзи Џанова е новинар во Македонија)



Слични вести