Моралниот лик на политичарот во Македонија

Моралниот лик на политичарите е многу важна категорија во сите општества и затоа секоја партија се грижи во своите редови да ги негува моралните вредности

607505
Моралниот лик на политичарот во Македонија

Велат дека е човечки да се греши. И така е. Нема човек што во одреден момент на животот не направил грешка. Некогаш намерна, некогаш ненамерна. Но човечки е и да се признае грешката. Така полесно се простува. Со признавањето на грешката, оној што ја направил покажува дека му се важни луѓето од неговото опкружување пред кои ја направил грешката. И признавајќи ја, истовремено бара прошка. И најчесто ја добива како награда за доблеста што ја признал грешката. Бидејќи признавањето не е лесен чин.

        Но, моралот, етиката и политиката очигледно не можат да одат заедно, не барем тука кај нас, затоа што просто сите поими може лесно да се релативизираат. Во светот политичарите си заминуваат за возење во алкохолизирана состојба, но и за примање на нај обични подароци.

      Кај нас, моделот на однесување со години ја минимизира и ја парампарчосува одговорноста со непримерни заклучоци, нелогични тврдења и злоупотреби на невини личности, па дури и со вметнување и на опасните етнички димензии, со цел сокривање на вистината. Разнишаноста на поимот одговорност упатува на разнишаност на комплетното општество.

           Да се прифати реалноста, последиците и состојбата во која ќе се најдете, ја обележува и желбата и способност за корегирано однесување. Кај многумина дојде до замор, се јави резигнација, како и до недостаток на верба поради долгогодишното неетичко поведение. Во таа насока, како меч во утробата на јавноста се зарија зборовите на еден македонски универзитетски професор по Етика,кој оцени дека не е проблемот во тезата дека етиката е избркана, туку дека нејзиниот пристап во политиката е практички (о)невозможен, што води до ставот за аморалноста на политичкото дејствување во вакви времиња и со вакви проблеми.

       Моралниот лик на политичарите е многу важна категорија во сите општества. И затоа секоја партија се грижи во своите редови да ги негува моралните вредности, првин заради својот углед, а потоа и како пример за останатите граѓани да имаат модел на однесување.Е, ама тоа не важи за македонските политичари. Тие се безгрешни. Не прават грешки и оттука нема што да признаваат. А уште помалку да бараат прошка од своите сограѓани. Ним такви црни петоци не им се случуваат. Тие од работа одат веднаш дома, ја бакнуваат сопругата, си ги галат децата, па по ручекот помагаат да се раскрене масата, а навечер со пуканки пред телевизија си ја гушкаат поубавата половина и гледаат филмови.

          Ни политичарите од светот не се имуни на правење грешки и тоа многу поголеми. Сетете се само на Бил Клинтон, кој грчевито се бореше да го прикрие скандалот за на крај плачливо да бара извинување од својата сопруга и ќерка и од целата американска јавност. Или на Доминик Штрос Кан, кој илјада пати и' се извини на сопругата, на соработниците и на меѓународната јавност за обвинувањата кои излегоа против него. Или на драмата што му се случи на францускиот претседател Франсоа Оланд кого првата дама со која живееше невенчано во Елисејската палата го фати во љубовна врска со позната актерка. Имаше случај и со претходниот германски шеф на државата за кого се откри дека примил финансиска помош при изградбата на својата куќа.

      Но на сите ним не им беше тешко да излезат и да се соочат со јавноста за своите грешки и да побараат прошка од своите сограѓани и од своите семејства. Само во Македонија тоа е тежок чин. Меѓутоа, овдешниве политичари треба да знаат дека на обичниот човек, како што сакаат тие да се прикажат пред јавноста, не му е својствена безгрешноста.

        Во Македонија се слушаат нови скандалозни идеи Специјалното јавно обвинителство да не работи, односно да не поведува постапки за време на предизборната кампања. Тоа може да наштети на изборите. Значи и Специјалното да биде како редовното обвинителство бидејќи постојано сме пред избори ништо да не работат бидејќи тоа може да влијае на изборите. Така како во изминатите 11 години врвот на власта да биде без никаква контрола, добро заштитена и вознемирувана од истраги, од обвинители, од судии и од судови. А и зошто има потреба од тоа кога единствен суд што го признава оваа власт е гласот на народот.

       Има ли поголем скандал кога судии и обвинители со месеци ја попречуваат работата на своите колеги од Специјалното обвинителство во истрагите за тешки кривични дела за што има основани сомневања дека ги направиле високи функционери. Тие што треба најсилно да ја бранат независноста на судството со јавни изјави и соопштенија учествуваат во сатанизација на Специјалното обвинителство кое е воспоставено единствено поради целосната партиска злоупотреба и деградација на вкупниот правосуден систем. Но да не заборавиме дека ние живееме во Македонија, каде се е можно.

(автор на коментарот Ремзи Џанова новинар во Македонија)

 



Слични вести