Раскажи ми за Исламот 18 / 2016

Во исламската традиција исто така постојат одредени денови и празници кои се сметаат за важни и кои што се празнуваат меѓу верниците

490164
Раскажи ми за Исламот 18 / 2016

Секое општество има свои важни денови и празници. Во исламската традиција исто така постојат одредени денови и празници  кои се сметаат за важни и кои што се празнуваат меѓу верниците. Светоста на било кој дел од годината,месецот или денот може да се утврди само со речта на семоќниот Аллах или хадисот на Хазрети Пејгамберот (сав) .Во Исламот за важни и свети денови и месеци се сметаат петок, потоа месецот на постот Рамазан и ноќта Кадир. Во тие денови се верува дека се услишуваат молитвите на верниците и тие денови се познати како мубарек денови –свети денови.

Во овие свети денови или месеци постојат низа вредни настани за верниците. Семоќниот Аллах има наредено дека на овие свети денови или месеци им се простуваат гревовите на верниците, се збогатува нивниот материјален и духовен живот и во тие денови се зајакнуваат религиозните чувства на муслиманите .

Месеците Реџеп,Шабан и Рамазан од Муслиманскиот календар се познати како свети месеци кога се збогатува верскиот живот на муслиманите. Во тие денови животот на нашиот Пејгамбер (сав) бил повеќе исполнет со обреди и повеќе посветен на верските теми.Тој на верниците им препорачувал во овие месеци многу повеќе да се молат ,редовно да ги извршуваат верските обреди и ибадети. Најсветите месеци во исламот се месеците на големиот пост Рамазан и месецот на Хаџот-аџилакот. Секој муслиман треба да пости цел еден месец на Рамазан и барем еднаш во текот на својот живот да оди на аџилак во Ќаба.

Што се однесува до деновите во неделата кои што се поважни од останатите Исламот како религија петокот го смета за свет ден,неработен ден кога муслиманите се собираат и одат на џума намаз. Во светата муслиманска книга Курани Ќерим за петокот и за петочниот намаз пишува : Петок е ден кога сонцето изгрева по сјајно од другите денови. Тој ден беше создаден Адем -човекот,во тој ден тој влезе во Џенетот-Рајот, во петок Адем слезе на Земјата, во петок му беше услишана молитвата од страна на Аллах и во петок си замина од овој свет. Во петок ќе дојде Судниот ден.

Муслиманите веруваат дека во петок ќе бидат услишени нивните молитви. Нашиот Пејгамбер Хазрети Мухамед во еден хадис за тоа има речено: Има еден час во петок, и ако баш на тој час било кој Муслиман за време на петочниот намаз го замоли Аллах за исполнување на било која негова желба, таа ќе му биде исполнета. Со самото тоа што не се прецизира точниот момент на тој час во петок, се акцентира на значењето на целиот ден.

Важни денови во исламската религија се деновите Ашура, Арифе, Рамазан и Курбан Бајрам, Ноќта Кадир, Ноќта Берат, Ноќта Мирач, и Ноќта на раѓањето на Хазрети Пејгамберот Ноќта на Мевлидот. Без сомнение најважна ноќ од сите овие денови и ноќи е Ноќта Кадир и тоа токму заради тоа бидејќи токму на оваа ноќ од небото била симната светата муслиманска книга Курани Ќерим. За оваа исклучителна ноќ постои посебна Сура и во самата света книга Курани Ќерим . Дури и нашиот Пејгамбер (сав) за Ноќта Кадир има речено : Во овој месец има една ноќ која е подобра од сите други, така секој оној кој што ќе биде лишен од оваа ноќ ,ќе биде лишен од  доброто на иљада ноќи.

Сепак исламската религија за исто така важни ги смета сите делови од денот, секој час,секоја минута. Важен е часот на пример на зората,кога денот се одвојува од ноќта, така што и намазот кој што се клања токму в зори има голем севап и значење за верникот. За тоа нашиот Пејгамбер на прашањето на еден човек  : Еј  Ресулу (пророку) на Аллах,  дали има некој момент дел од  денот кој што е најблизок до Аллах? одговорил со следните зборови : Да, зората е оној дел од денот кога аллаховиот роб е најблизок до својот господар Аллах. Ако сакаш во тој час да бидеш еден од оние кои го изговараат Аллаховото име ,направи го тоа, не се сомневај дека на намазот кој што ќе се клања во зори му сведочат ангелите.

Муслиманот поимот за времето треба да го регулира според Курани Ќерим и сунетите – дозволеното, своето време треба да го помине  со свеста за тоа дека е роб Аллахов, воедно добро да знае да ги цени тие скапоцени временски периоди од денот и од годишните времиња и тоа како влог за задгробниот живот.

 



Слични вести