Верски Туризам 19-2015

Кога денес ќе прошетате низ улиците на Шанлиурфа овој древен град ќе ве обземе чувство како да шетате по историјата

389193
Верски Туризам 19-2015

Вавилонскиот господар Немрут сонувал еден сон. Претскажувачите на иднината му велат дека едно новороденче кое наскоро ќе се роди ќе го симне од престолот и дека неговиот народ ќе го преобрати во нова религија. На тоа кралот Немрут наредува да се убијат сите новороденчиња. Во тоа време и жената на дворскиот службеник Тарех била бремена. За да го спаси новороденчето кое наскоро треба да дојде на овој свет, Тарех ја зема бремената жена и побегнуваат во градот Ур наоѓајќи скривалиште во една пештера. Тука му се раѓа синот кој го крштеваат Ибрахим. Малиот Ибрахим 7 години не излегува од пештерата. Но една ноќ користејќи го невниманието на заспаните родители излегува надвор од пештерата, погледнува горе кон небото и гледајќи во ѕвездите почнува да се чуди кој би можел да ги создаде нив. Наеднаш на небото забележува една голема ѕвезда и извикува тоа е мојот господ. Нешто потоа ѕвездата се губи и малиот Ибрахим разочаран вели : Тоа не може да биде мојот господ, јас не ги сакам тие што ќе се изгубат. Истото се случува и со Месечината и Сонцето. Разочаран во сето она што го видел малиот Ибрахим си вели во себе си дека ќе му служи само на оној бог кој ги создал небото и земјата. Кога наполнил 16 години Ибрахим влегува во храмот и ги крши сите идоли на боговите, велејќи дека на светот има само еден Бог кој владее со сите,кој одлучува за животот и смртта.

Кога го слушнал тоа кралот Немрут силно се налутил велејќи дека само кралот е тој кој што одлучува за животот и за смртта на поданиците. Тогаш младиот Ибрахим му рекол : Ако си толку силен тогаш нареди Сонцето да се раѓа од Запад. Кралот кој се нашол во незгодна ситуација наредува да се казни Ибрахим ,но казната е страшна , бидејќи според наредбата на кралот Ибрахим треба да биде запален на клада. На градскиот плоштад се пали голем оган и пред очите на сите војниците на кралот го фрлаат младиот Ибрахим во огнот. Во тој момент господ наредува да се спаси животот на Ибрахим. Зелиха ,посинетата ќерка на кралот Немрут која била заљубена во Ибрахим од жал се фрла во огнот, но за големо чудо местото каде Зелиха се фрла во огнот се претвора во вода, во езеро. Народот во знак на сеќавање на младиот Ибрахим и неговата љубов кон Бога го нарекува Ибрахим Халилулах- Ибрахим Господовиот Пријател, местото каде Ибрахим бил фрлен во огнот Езеро на Халил Рахман а местото каде Зелиха се фрлила во огнот Езерото на Зелиха.

Езерата чие постанување се поврзува со легендата за Ибрахим и Зелиха се наоѓаат во денешна Југоисточна Анадолија, во близина на градот Шанлиурфа. Во езерото и денес има многу риби кои никој не ги лови бидејќи езерото се смета за свето. Народот со голема љубов ги храни рибите. Во непосредна близина на езерото се сместени џамијата Халил Ул Рахман, која е изградена на местото каде била пештерата во која што се родил малиот Ибрахим, а нешто подалеку езерото џамијата Ризваније која и по убавината но и по легендите за младата Зелиха е најмногу посетена од сите во комплексот.

Градот Шанлиурфа во вистинска смисла на зборот е град музеј. Градот има историја од 9 000 години а во него живееле пророкот Ибрахим, пророкот Ејуп, а воедно бил град кој бил осветен од страна на пророкот Иса. Шанлиурфа е познат и како град на пророци. Кога денес ќе прошетате низ улиците на овој древен град ќе ве обземе чувство како да шетате по историјата. Граѓаните на Шанлиурфа самите ќе ви се понудат да ви раскажат некоја легенда или предание за секоја чешма. џамија, храм или друг сакрален објект. Ќе слушнете многу преданија и приказни во кои што се говори за пророкот Ибрахим или за пророкот Ејуп.

После големата победа над кралот Немрут, Ибрахим заедно со татко му се преселува во Харан каде живее се до смртта на татка си. Тогаш веќе има 75 години. По смртта на татко му се преселува во Палестина. Во Палестина му се појавува Господ и му порачува: Оваа земја им ја ветувам на сите оние кои ќе дојдат тука и кои ќе бидат од твојот род. Затоа за Палестина се вели дека е ветена земја. По неколку години Ибрахим заминува од Палестина која ја зафаќа глад и се сели во Египет. По извесно време пак се враќа во Палестина. Жена му која била нероткиња посакува тој да се ожени за Хаџер која била нејзина слугинка. Хаџер на Ибрахим му раѓа син кого го нарекуваат Исмаил. Кога Ибрахим имал 100 години неговата прва жена Сара му раѓа син кому му го ставаат името Исак. За да ја провери љубовта на Ибрахим кон Господа, Господ му наредува да го заколи помладиот син Исак и да го положи како жртва. Ибрахим не се двоуми и во моментот кога го зема ножот за да го заколи сопствениот син, Господ од небото испраќа еден овен и му наредува да го заколи овенот наместо сопствениот син. На тој начин господ го спасува животот на Исак. Ибрахим како и сите светци имал дол век, живеел цели 175 години а умрел во Хеброн каде бил закопан во една пештера.

Пророкот Ибрахим го среќаваме како голем светец во сите три свети книги, во Стариот Завет, во Библијата и во Куранот. Ибрахим е оној кој го изградил Кабето во Мека. На светот постојат мноштво легенди и преданија за Ибрахим а најпозната е онаа во која се вели дека трпезата на Ибрахим била секогаш отворена за секого. Кај народот во Анадолија дури и денес постои поговорката “Господ нека ти даде трпеза богата како онаа на Халил Ибрахим “. Ибрахим се смета за татко на народот,како патријарх.

Во знак на сеќавање и почитување на личноста и делото на Ибрахим и денес иљадници верници од сите три религии го посетуваат градот Урфа во Анадолија, град каде што се родил пророкот Ибрахим.

 


Тагови:

Слични вести