Верски Туризам 15 - 2015

Храмот на планината Немрут е еден од ретките културно историски споменици кој е ставен во списокот на УНЕСКО. Истиот е едниот од осумте светски чуда

344513
Верски Туризам  15 - 2015

Година 1838’ма. Мехмед Али Паша крева востание и се обидува да ги отцепи Сирија и Палестина од османлиската управа. Османлиските војски кои тогаш биле стационирани во Малатја бараат премин преку реката Еуфрат за да го угушат востанието на Мехмед Али Паша. Германскиот офицер Хелмут Фон Молтке го истражува теренот барајќи поволен премин преку реката.

Во истражувањето германскиот офицер наидува на одредени историски остатоци. Следен од интуицијата Молтке се качува на високата и стрмна планина и пристигнува се до височина од 2150 метри. Тука му се запира здивот бидејќи пред него стои едно вистинско чудо, храм кој го издржал забот на времето иљадници години. Тоа бил храмот на цивилизацијата Комагене. Молтке веднаш ја известува Пруската Кралска Академија на Науките во Берлин така што во 1882 година се преземаат и првите истражувачки активности предводени од Ото Пунстен и Карл Сестер. Ете вака започнува приказната за откритието на храмот на планината Немрут во Анадолија.
На 5’ ти октомври 1998 година група составена од 39 новинари од 19 земји заедно со 13 домашни новинари се искачивме на планината Немрут со цел организирање екскурзија до древниот антички храм. Целиот потфат беше организиран во составот на проектот Верски Туризам. Проектот се реализира секоја година почнувајќи од 1995 година а во рамките на истиот се посетуваат древните ритуални објекти, храмови, цркви, манастири, џамии и други сакрални места.

Турата започна на 29 септември и траеше се до 8 октомври 1998 година. Маршрутата беше следната: Истанбул , Адана, Тарсус, Пајас, Искендерун, Антакја, Газиантеп, Шанлиурфа, Адијаман, Мардин па се до Дијарбекир. Групата стана рано на 5 ти ноември некаде околу 2 часот полноќ. Тргнавме од хотелот и со еден минибус пристигнавме до месноста Кахта. Од Кахта се качивме на автобус и по еден час возење стигнавме до едно место на планината Немрут од кое тргнавме пеш по патеката долга околу 600 метри. Навистина се измачивме, но вредеше бидејќи тоа што го видовме на врвот беше навистина прекрасно. Пред нас се простираше волшебната глетка на храмот, а под нашите нозе беше сонцето. Бевме се искачиле толку високо....

Храмот на планината Немрут е еден од ретките културно историски споменици кој е ставен во списокот на УНЕСКО. Истиот е едниот од осумте светски чуда.

Овој прекрасен антички објект бил изграден пред 2000 години и претставува гробница на кралот на комагенската држава Антиох Први. Храмот од Север, од Исток и од Запад е обиколен со тераси а неговиот обем изнесува околу 150 метри. Во средишниот дел е поставен гробот на кралот Антиох Први. На источните и западните тераси се поставени статуите на старогрчките и староперсиските богови. Рековме старогрчки и староперсиски бидејќи комагенската митологија била мешавина од старогрчката и староперсиската митологија. Храмот е изграден на највисокиот врв на планината. Терасите на источната и западната страна се симетрични додека северната тераса се поврзува со источната и западната т.е. претставува вид мост меѓу тие две тераси. На терасите се поставени статуите на боговите Аполон, Митра, Хелиос, Хермес, Зевс, и Фортуна како и статуите на орли, лавови и статуата на кралот Антиох. Сите статуи на главите имаат венци, тиари, изработени во персиски стил што укажува на персиското влијание.

Кралството Комагене било формирано во 69 година пред нашата ера, од страна на Митријадес Калиникос. Кралот Калиникос чии предци биле персијци и македонци на новоформираното кралство му го дава името Комагене што на старогрчки јазик значи „ збир од гени“. Кралството имало два важни центри Арсемиа и Самосата, денешен Самсат.

Неговиот следбеник кралот Антиох ги проширил границите на кралството и ги обновил градовите истовремено ја зајакнал државата. Наредил на планината Немрут да се изградат храмови за боговите и за неговите предци а во меѓувреме и самиот се прогласува за божество. Повеќето од остатоците од кралството Комагене датираат од времето на кралот Антиох. Кралството се губи од светската сцена по потпаѓањето под власта на Римјаните. Последниот комагенски крал Антиох 4 римјаните го носат во Рим како воен заробеник. Комагене станува само една сириска провинција.

Првите археолошки ископувања на планината Немрут започнуваат во 1938 година, а нив ги предводи германскиот археолог Фредерик Карл Донер кому му асистира Тереза Гоел, американски археолог. Ископувањата траат се до 1985 година. За сето тоа време археолозите успеваат да ги одгонетнат текстовите напишани на ѕидовите на храмот од кои ние се определивме за два поинтересни кои сакаме да ги прочитаме . Всушност станува збор за дел од законот за имотно правни односи во кој меѓу другото се вели следното : Никој нема право да наштети на имотот што јас сум го стекнал, што сум им го дал на користење на другите, ниту на доходот што се добива од тој имот.

Вториот текст е извадок од законот, номосот, неменување на религиозните церемонии а во кој што се вели следното : Секој оној кој што ќе се осмели да ги измени религиозните обреди на принесување жртви без мое знаење ќе биде казнет. Ќе биде казнет и секој оној кој што ќе се осмели да се поигра со моето достоинство и со достоинството на моето семејство.

Американскиот археолог Тереза Гоел беше во вистинска смисла на зборот вљубена во овој планински врв. Кога пристигна на планината Немрут а тоа беше во 1938 година беше млада и полна со ентузијазам и енергија. На локалитетот помина цели 50 години,како да сакаше повторно да ги оживее сите тие божества. Нејзината последна желба беше нејзините посмртни останки да бидат кремирани а пепелта расфрлана на планината Немрут , што и беше сторено кога почина во 1989 година.

 


Тагови:

Слични вести