Анализа 01/2015

Западот се исплаши од можната победа на Сириза: Грција ќе ja уништи ЕУ!

184036
Анализа 01/2015

Ова се размислувањата деновиве што можат да се сретнат во многу аналитички текстови. Според многумина најголемата опасност за ЕУ денес доаѓа токму од Грција. Според овие анализи Европската Унија треба да гледа многу внимателно и кон Шпанија, каде сè попопуларната левичарската партија „Подемос” бара отфрлање на еврото. Аналитичарите велат дека тука е и Италија каде има четири евроскептични партии. Не треба да се заборави и на Велика Британија каде веќе неколку пати се најавува организирање на референдум за излез од Унијата. Како и да е Грција реално може да биде почеток на крајот, сметаат аналитичарите.

Во Грција повторно е актуелно прашањето за излегување на земјата од еврозоната и враќањето на националната валута-драхма. На 25 јануари во Грција ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Ако на овие избори победи партијата на Алексис Ципрас, Сириза, која според сите рејтинзи е на прво место, можно е Грција да излезе од еврозоната.

На ваквата можна разврска први реагираа властите во Германија. Тие порачаа дека евентуалното излегување на Грција од еврозоната сега, за разлика од пред неколку години кога почна кризата, е многу поедноставно, и дека нема да влијае на стабилноста на еврозоната. Германската канцеларка Ангела Меркел е подготвена да ја остави Грција да излезе од еврозоната доколку радикалната левица ја доведе во прашање буџетската политика која од Грците бара да штедат, објави Шпигел во своето онлајн издание.

“Германската влада смета дека е речиси неизбежно излегувањето на Грција од еврозоната доколку шефот на опозицијата Алексис Ципрас ја води идната влада по изборите и доколку ја напушти политиката на буџетско штедење и не одлучи да не го намалува долгот на земјата”, пишува Шпигел повикувајќи се на извори блиски до Владата на Германија.

Меркел и министерот за финансии Волфганг Шаубле сметаат дека отсега е сосема возможно една земја да излезе од еврозоната поради напредокот направен во рамките на еврозоната од 2012 година, известуваат стручнкаците. Според нив не постои повеќе ризик за префрлање на кризата на други земји. Португалија и Ирска повеќе немаат проблем и нивната економија е оздравена, а постои и европскиот механизам на стабилност кој е силен и Унија на банки која обезбедува сигурност на кредитните институти.

Ако би дошло до промена на еврото во драхма, цените за Македонците и другите туристи, драстично би се намалиле, а со тоа би се зголемил и бројот на туристи во Грција. Во тој случај и грчките производи ќе имаат поголема конкуренција и пониска цена, а би се поттикнала и трговијата и угостителството во Грција. За македонските компании кои извезуваат во Грција враќањето на драхмата би била лоша вест, зошто извозот ќе изгуби на вредност.

Сириза, која во анкетите во моментов има благо водство пред владата од десниот центар на премиерот Самарас, во последните месеци малку го смири својот настап, ветувајќи дека ќе ја задржи Грција во еврозоната и дека нема еднострано да ја отфрли програмата за помош.

Кога станува збор за ЕУ, на европско ниво и целиот грчки економски проблем и дали Грција треба да остане во еврозоната или не, проблемот во очите на сите е големиот страв од Ципрас, бидејќи многу луѓе веруваат дека тој е против статус-кво позициите. Ако некој е против ова, може да биде опасно и да повлече опасни настани - велат аналитичарите. Според нив, тврдото позиционирање на Ципрас контра статус-кво состојбите, колку што ја плаши Унијата поради можен излез на Грција од еврозоната, толку може да ги радува и Македонците, бидејќи лидерот на крајната грчка левица е единствен политичар во оваа земја што ниту го создал, ниту кога-било учествувал во нерешавањето на спорот за името Македонија.

( Автор на текстот : Ремзи Џанова -новинар )


Тагови:

Слични вести