Од агендата на Турција и светот - Израелските напади на Газа

Арапската пролет, кризата во Сирија и другите регионални случувања го намалија притисокот врз Израел

133211
Од агендата на Турција и светот - Израелските напади на Газа

Израелската армија од 12 јуни ја бомбардира Газа под изговор дека се осветува за тројцата киднапирани и потоа убиени Израелци. Ова не е прв израелски напад на Газа. Досега Израел неколку пати ја бомбардираше Газа под разни изговори. Во последните напади загинаа стотици невини цивили а стотици исто така беа ранети. Куќите беа срамнети со земја во Газа во која живеат 1,5 милиони Палестинци. Во истото тоа време на Западниот брег беа уапсени околу 500 Палестинци, меѓу кои раководители, пратеници, министри и други истакнати личности. Се тврди дека воената операција ќе поприми пошироки рамки и ќе продолжи како копнена, што се на се значи дека наскоро ќе дојде до нова палестинско- израелска војна.
Како и секогаш досега Израел и сега се правда дека Палестинците вршат терористички активности, што секако дека не е точно но точно е дека израелската одмазда е многу жестока и безмилосна од досегашните. И пак се повторува истото. Меѓународната заедница како често пати досега и сега молчи пред израелските напади. САД и западните земји повикаа на разум, но тие повици не стигнаа до ушите на израелските власти. Претседателот Абдулах Ѓул и премиерот Ердоган реагираа многу остро на израелските напади на цивилите во Газа, но се остана само на тоа.

За сето тоа имаме коментар на проф.др. Рамзан Ѓозен од катедрата за меѓународни односи на универзитетот Мармара, кој го вели следното:

Нема некоја битна измена во израелските напади на Палестина од 12 јуни досега. Во суштина на прашањето лежи израелската окупација на Газа и на Западниот брег од 1967 година. И покрај резолуциите на ОН Израел и понатаму ги држи под окупација овие територии, но Израел не останува само на тоа. Ги бомбардира цивилите и ги апси, и што е уште полошо од сето тоа Израел окупираните територии ги држи под блокада и ембарго како од копно така и од воздух и море. За Газа не случајно се вели дека е најголемиот затвор на отворено на светот, или најголем контрентрационен логор , сличен на логорите за Евреите во Втората светска војна.

Светот кој што остро реагираше на антисемитистичката политика на Хитлер, молчи пред израелските напади на Палестинците. Реакциите за жал деновиве се скоро и незабележливи. Порано кога Израел ќе ја нападнеше Палестина реагираа Сирија, Ирак и Либија. Реакциите на Садам ,на Гадафи и на Асад ако не нешто поконкретно барем имаа психолошко дејство врз жртвите на нападите. Во последните години влијанието на Турција и на Иран врз Израел беше повеќе од очигледно. Турската политика спрема Израел му создаваше проблеми на Израел и понекогаш го приморуваше да се повлече чекор назад.

Денеска веќе тоа не е случај. Арапската пролет, кризата во Сирија и другите регионални случувања го намалија притисокот врз Израел. Ел Сиси кој што на власта дојде после Морси, Асад кој е во граѓанска војна, Либија која е во вистински хаос, а да не зборуваме за арапските нафтени шеици, сите тие скоро и да немаат некоја ефектна политика спрема Израел, што се на се резултира со давање одврзани раце на Израел.

Израел очигледно дека се плаши воениот виор од Сирија и Ирак да не се префрли на негова територија, така да последните напади на Газа можат да се третираат од тој аспект. Но факт е дека независно колку Израел ќе убие невини цивили во Газа, толку повеќе ќе предизвика нови кризи и нов хаос во регионот на Блискиот Исток. Но доколку се определи за спротивното, т.е. доколку застане на страната на мирот и доколку се повлече од окупираните палестински територии ќе биде подалеку од влијанието на огнениот обрач.

Сепак сето тоа не би требало да зависи само од Тел Авив. Западниот свет на чело со САД, ОН и другите меѓународни организации и исламските држави би требало да одиграат поголема улога во стопирањето на израелските напади.



Тагови:

Слични вести