Туристичките места во главниот град Анкара

Како и повеќето градови во внатрешна Анадолија и Анкара во минатото била колевка на повеќе цивилизации

116507
Туристичките места во главниот град Анкара

Главниот град на Република Турција Анкара е втор град по големина после Истанбул. Голем дел од провинцијата Анкара се распростира во областа наречена „Јукари Сакарја“ (Горна Сакарија) од внатрешна Анадолија. Во јужните делови од оваа провинција преовладува континентална клима додека во северните делови кои се граничат со Црноморскиот регион преовладува топла и врнежлива клима. Во врска со потеклото на името Анкара постојат повеќе мислења. Според некои истражувачи зборот Анкува кој се среќава во Хетитските таблички всушност е Анкара. Фригојците,Галатите и Римјаните градот го именувале Анкура што значи бродско сидро. Во некои легенди се вели дека Анкара е место каде Фригојскиот крал Мидас пронашол бродско сидро. Ова име во текот на историјата доживува промени па така по Енѓуру,Ангора и разни други наименувања станал Анкара.

Како и повеќето градови во внатрешна Анадолија и Анкара во минатото била колевка на повеќе цивилизации. Тоа го потврдуваат и наодите кои се откриени при археолошките ископувања во околината на градот. На пример, Ахлатлибел, Кочунбели, Јалинџак и Ѓавуркале се места каде се откриени наоди кои се датираат во неолит, бронзено и хетитско доба. Градот Гордион кој се наоѓа во близина на Анкара добива особено значење бидејќи бил главен град на Фригијците. Анкара извесно време е Византиски град а потоа бил превземен од страна на Турците. Од средината на 14ти век станал дел од Османлиската Држава. На 13 Октомври 1926 година е прогласен за главен град на Република Турција.

Градот Анкара е изграден врз остатоците на старите култури така што денес нема многу сочувани градби од минатото. Стариот дел од градот се наоѓа во месноста наречена Улус. Ова место е воедно најзначаен туристички предел на градот. Помеѓу градбите од римскиот период овдека може да се види храмот посветен на Август кој што се наоѓа во непосредна близина на џамијата Хаџи Бајрам Вели. Овој храм кој што е изграден во времето на Октавијан Август бил изграден врз едно постаро култно место посветено на Фригијските божества Мен и Кибела. Храмот во византијскиот период е преобразен во црква додека во Османлијскиот период извесно време бил користен како медреса. Еден втор споменик кој се датира во римски период а е сочуван до денес е Јулијанскиот Столб висок 15 метри поставен во чест на императорот Јулијан Втори кој за време на своето владеење ја посетил Анкара. Овој споменик се наоѓа на малиот плоштад пред зградата на Вилајетот Анкара. На патот од Улус до Дишкапи на левата страна може да се видат остатоците од едно римско купатило. Ова јавно купатило е изградено во 3ти век во период на Каракала во чест на богот на медицината Асклепиј.

Меѓу градбите од турскиот период во Анкара најголемо внимание привлекува џамијата Хаџи Бајрам Вели во Улус. Се претпоставува дека џамијата која е посветена на еден од позначајните религиозни лица во османлискиот период, Хаџи Бајрам Вели била изградена во првата половина на 15ти век. Џамијата во близина на храмот посветен на Август привлекува голем број на посетители а се одликува со богата фајансна декорација и прекрасниот михраб изработен во штуко - техника во молитвениот дел. Турбето кое е споено со џамијата е особено значајно од аспект на верскиот туризам.

Еден од позначајните објекти во Анкара кои потекнуваат од селџучкиот период е џамијата Ахи Шерафеттин која се наоѓа во близина на калето во месноста наречена Атпазари. Џамијата поради малите антички скулптури со претстава на лав вградени во ѕидовите на турбето на источниот дел е наречена и Асланхане џамија. Џамијата со својот дрвен таван и столбови, михработ со фајансна декорација во тиркизна боја и резбаниот минбер е една од ретките примери на Селџучката Уметност. Резбаниот саркофаг на Ахи Шерафеттин кој бил донатор на оваа џамија денес се изложува во Етнолошкиот Музеј. Исто така во близина на оваа џамија може да се види и Џамијата Ахи Елван, чиј што резбан минбер е еден од најубавите дела на Турската Резбана Уметност.
На калето се наоѓа и џамијата Алаеддин која исто така се датира во селџучкиот период. Оваа џамија била изградена од страна на синот на селџучкиот султан Киличарслан Втори, Анкарскиот Валија Месут. Резбаниот минбер на оваа џамија е исто така уште еден убав пример на резбаната декорација.

Повеќето анови и безистени на Анкара исто така се наоѓаат во Улус. Поголем број на овие објекти денес ја продолжуваат трговската традиција. Еден од нив, е Ченгел Хан, кој се наоѓа веднаш под калето а бил изграден во 16ти век. Ханот ги носи сите карактеристики на османлиските анови од класичниот период. Овој хан од 2005та година е музеј на рани индустриски продукти.
Во Улус на патот кон калето се наоѓа и Куршумли Ан кој бил изграден од страна на везирот на Фатих Султан Мехмед, Махмут Паша во првата половина на 15ти век. Безистенот кој исто така бил изграден од страна на овој везир а кој се наоѓа во непосредна близина на калето денес се користи како Музеј на Анатолските Цивилизации.

Едно од местата кои го привлекуваат вниманието на странските и домашните туристи во Анкара е споменикот Аниткабир. Овој споменик-мавзолеј е изграден во чест на основоположникот на современа Турција Мустафа Кемал Ататурк. Централниот споменик се состои од лавовскиот пат, плоштад на свеченостите и мавзолејот. Во овој комплекс на градби се наоѓа и музеј во кој се изложуваат разни предмети и облека на Ататурк.

Етнолошкиот музеј во Анкара е еден од поинтересните музеи каде се изложуваат разни предмети кои ја отсликуваат турската историја, етнологија и народна уметност. Во музејот се исложуваат и народни носии, ткаенини и разни религиозни предмети. Исто така овдека може да се видат и најубавите дела на Турската Резбана Уметност.
Во близина на етнолошкиот музеј се наоѓа и Музејот на Државното Сликарство и Скулптура каде што се изложуваат разни дела на турското сликарство и вајарство од почетокот на 19век до денес.

 

Автор: Севиљ Булбуљ помошник доцент доктор на катедрата за туризам на универзитетот Гази во Анкара


Тагови:

Слични вести