Претседателот Ердоган во Њујорк ја отвори изложбата на доајенот на турската фотографија Ара Ѓулер

Претседателот Ердоган го изрази своето задоволство што присуствува на отворањето на изложбата на доајенот на турската фотографија Ара Ѓулер и рече дека од големо значење е што изложбата се совпаѓа со терминот на Генералното собрание на ОН

1275652
Претседателот Ердоган во Њујорк ја отвори изложбата на доајенот на турската фотографија Ара Ѓулер

Претседателот на Турција Реџеп Тајјип Ердоган, за време на својата посета на САД и престојот во Њујорк каде што учествува на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, во просториите на „Alexander Haliton U.S. Custom House“ ја отвори изложбата на фотографии на доајенот на турската фотографија Ара Ѓулер, а отворањето на изложбата беше проследено со музиката на турскиот пијанист Фахир Атакоглу.

Ердоган го изрази своето задоволство што присуствува на отворањето на изложбата на Ара Ѓулер во еден град на културата како што е Њујорк, истовремено заблагодараувајќи им се на нобеловецот проф. д-р Азиз Санџар и на пијанистот Фахир Атакоглу за нивното учество во програмата. Тој потсети дека изложбата на фотографии на Ѓулер претходно беше претставена пред љубителите на фотографијата во Кјото, Лондон и Париз, каде што беше прифатена со големо задоволство, додавајќи дека овојпат фотографиите на Ѓулер им се презентираат на љубителите на уметноста во Њујорк и на американските пријатели.

Ердоган го претстави Ара Ѓулер како човек кој од срце верувал во мир и братство, истакнувајќи дека изложбите на фотографии се организирани со цел да се оживее споменот на Ѓулер, додавајќи дека од големо значење е фактот што изложбата се совпаѓа со терминот на одржување на Генералното собрание на ОН.

„Културата и уметноста имаат улога на универзален мост во развојот на односите меѓу заедниците. Во тој контекст, посакувам делата на Ара Ѓулер, кој во вистинска смисла на зборот претставува светски бренд во својата професија, да допрат до широките народни маси со различни култури кои од сите страни на светот пристигнале во Њујорк“, истакна Ердоган во своето обраќање на отворањето на изложбата.

Потсетувајќи дека минатата година починал фотографскиот уметник и фоторепортер Ара Ѓулер, кој е носител и на титулата „Master of Leica“, турскиот претседател истакна дека овој уметник претставува еден од најголемите уметници на полето на фотографијата кој произлегол од Турција, продолжувајќи со зборовите:

„Ара Ѓулер самиот себеси се претставуваше како „фоторепортер кој ја забележува историјата со својот апарат“. До својот последен здив, во името на целото човештво продолжуваше да кликнува на блендата од апаратот. Во моментите кога дојде во мојот дом и изработи фотографии, кај мене остави посебни моменти. Особено не можам да го заборавам моментот кога нè позиционираше при заедничката фотографија со моите внуци, и тој момент, сеќавањето на тие мигови, секогаш живее со нас на таа фотографија. Големите уметници и по смртта продолжуваат да живеат преку делата што ги оставиле зад себе. И големиот мајстор на фотографијата Ара Ѓулер, преку својот објектив испиша историја, неговите дела се дел од значајните колекции на музеите и колекционерите, допирајќи до милиони луѓе уште за време на својот живот“, рече Ердоган и додаде:

„Нашиот уметник, кој е прифатен како еден од најголемите фотографи на светот, се споменува и со името „Окото на Истанбул“ и „Последниот поет на Истанбул“. Не само тоа, тој се споменува и по неговата духовитост. Неговата духовитост би ве насмеала каде и да се наоѓате. Мајсторот на фотографијата зад себе ги остави визуелните сеќавања од 20 век. За нас ќе претставува големо задоволство со нашите пријатели кои дојдоа на изложбата да ги информираме за Истанбул и Турција.“

Ердоган му се заблагодари и на светски познатиот пијанист Фахир Атакоглу што учествува на отворањето на изложбата. Во завршното обраќање, претседателот Ердоган повторно го изрази сето свое почитување кон Ара Ѓулер, заблагодарувајќи им се на сите што учествувале во организирањето на изложбата.

По говорот Ердоган заедно со дел од присутните ја пресече лентата, со што изложбата ја прогласи за отворена. Потоа Ердоган ја разгледа изложбата, информирајќи се за изложените дела.

Свое обраќање на изложбата имаше и Џон Бејли, претседателот на американската Академија за филмски уметности и науки во периодот 2017 - 2019.

Пред обраќањата на говорниците, пијанистот Фахир Атакоглу со својот перформанс на гостите им овозможи да поминат прекрасни моменти. ( Anadolu Agency-AA)



Слични вести