Принцот Вилијам ја посети џамијата „Нур“ на Нов Зеланд

Тој изјави дека ја посетил џамијата за да покаже дека екстремниот десничарски терорист не ја постигнал својата цел

1190534
Принцот Вилијам ја посети џамијата „Нур“ на Нов Зеланд

Војводата од Кембриџ, принцот Вилијам, ја посети џамијата „Нур“, во новозеландскиот град Крајстчрч, каде што во март оваа година, за време на петочната молитва (џума намаз) е извршен терористички напад, јавува Anadolu Agency (AA).

Принцот Вилијам, во текот на дводневната посета на Нов Зеланд, ја посети џамијата „Нур“, положи венец и порача дека се работи за чин на омраза кој не може да се оправда.

Тој изјави дека ја посетил џамијата за да покаже дека екстремниот десничарски терорист не ја постигнал својата цел.

„Терористот се обидел да рашири омраза и поделба на местото кое симболизира заедништво“, изјави принцот Вилијам.

Тој ја пофали реакцијата на народот на Нов Зеланд на тие терористички напади, наведувајќи дека во тие тешки моменти стоеле исправено и заедно.

„Со вашата реакција на трагедијата, сторивте нешто прекрасно“, порача принцот Вилијам.

Британскиот принц за време на посетата го придружуваше премиерката Џасинда Ардерн. Тој се состана и со муслиманите кои ги преживеаја терористичките напади.

Во двата одвоени напади за време на џума намаз на џамиите „Нур“ и „Линвуд“, во новозеландскиот град Крајстчрч на 15 март оваа година се убиени најмалку 50 лица.



Слични вести