Јилдирим:Турција е влезна врата за безбедноста на Европа

Премиерот Бинали Јилдирим, изјави дека одлуката за ажурирање на Царинската унија, како и повторното придвижување на прекинатите преговори со Европа не припаѓа на Турција туку на ЕУ

834150
Јилдирим:Турција е влезна врата за безбедноста на Европа

Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека одлуката за ажурирање на Царинската унија, како и повторното придвижување на прекинатите преговори со Европа не припаѓа на Турција туку на ЕУ.

Јилдирим зборуваше на Егејскиот економски форум во Измир. Тој додаде дека во текот на два дена ќе се разговара за економијата, иднината, визијата, земјоделството, индустријата, трговијата и за производството во Егејскиот регион.

Како што истакна  Јилдирим видливо е подобрувањето во глобалната економија, но сѐ уште постојат елементи на кои треба да се обрне внимание.

„Во овој период низ кој поминуваме, сѐ уште не се поминати регионалните тензии и економската ранливост што се појави по глобалната криза“, смета Јилдирим.

Јилдирим додаде дека речиси половина од извозот на Турција е реализиран со европските земји.

Јилдирим потсети дека светот се менува, а исто така се менува и рамнотежата во регионот. Тој додаде дека во блиска иднина ќе можат да се видат значајни промени во светската економија и во геополитичката рамнотежа.

Премиерот Јилдирим истакна дека промените како референдумот за независност на Регионалната управа на северот на Ирак и намерата за отцепување значително ќе влијаат и на регионалната економија.

Јилдирим, укажа на тоа дека недостатокот на политички авторитет во Сирија и во Ирак, состојба што трае веќе неколку години, како и постоењето на терористичките организации, преставуваат пречка во регионот за долгорочно и среднорочно планирање.

„Турција е влезна врата за безбедноста на Европа“, изјави Јилдирим, кој потсети дека земјата во изминатите шест години станала дом за повеќе од 3,5 милиони бегалци.

„Европа овие денови бара начини да се избори со екстремизмот. Она што ние како Турција го велиме е дека за оној што ќе ни се доближи чекор, ние ќе му се доближиме за два. Ние се држиме до тој став“, порача Јилдирим.

„Европа ќе донесе одлука дали сака проширена Европа во која се наоѓа и Турција или сака да се претвори во клуб Европа, кој своите граници ги затворил со високи ѕидови. Ние сме тука. Не донесуваме ние одлука за ажурирање на Царинската унија или за повторно придвижување на преговорите со Европа, туку ЕУ“, изјави Јилдирим за време на обраќањето на Егејскиот економски форум во Измир.

Тој изјави дека донесувањето на економските одлуки не е лесно, но оти 2018 година за Турција ќе биде подобра од 2017, како и дека нивната цел за раст е најмалку 5,5 отсто.

„Немојте да бидете изненадени ако на крајот од годината растот изнесува седум отсто“, порача Јилдирим.



Слични вести