Во Ескишехир свечено отворен Трансанадолскиот плиновод (ТАНАП)

Во градот Ескишехир со свечена церемонија беше отворен Трансанадолскиот плиновод (ТАНАП).

На церемонијата на отворањето на ТАНАП присуствуваа претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Украина Петро Порошенко, претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и претседателот на Турската Република Северен Кипар Мустафа Акинџи.

Ердоган во обраќањето истакна дека ова е историски момент за целиот регион.

„Денеска го отворивме плиноводот ТАНАП кој претставува енеретски 'Пат на свилата'. Ова е историски чекор за регионот и за нашата земја", рече турскиот претседател.

Тој им честиташе на сите кои дале придонес за се, како што рече, да се заврши овој проект пред планираниот датум.

„ТАНАП истовремено е и симбол на мултилатералната соработка. Нашиот став е енергетиката да биде основа за соработка, а не за судири", рече Ердоган во обраќањето кон присутните.

ТАНАП е најголемиот плиновод во јужниот коридор со должина од 1.850 километри и капацитет од 16 милијарди кубни метри на природен гас.

Со овој плиновод се доведува природен плин од Азербејџан во Турција, односно во градот Ескишехир, каде се изградени компресорски станици, од каде плиноводот понатаму оди до Ипсала на турско-грчката граница, каде ТАНАП се поврзува со Трансјадранскиот гасовод (ТАП) кој азербејџанскиот плин го испорачува на европскиот пазар.

Годишниот капацитет на ТАНАП ќе изнесува 16 милијарди кубни метри плин, а од тоа Турција ќе користи шест милијарди кубни метри, додека преостанатите 10 милијарди кубици ќе бидат испорачувани на европскиот пазар.