Тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово: 14 лица загинаа, а 6 се борат за живот

Во сообраќајната несреќа што се случи вчера приквечер на автопатот Скопје-Тетово, во близина на Ласкарци според последни добиени информации животот го загубија 14 лица, а 30'сетина лица се повредени од кои 6 се борат за живот

k.makedonya kaza.jpg
Makedonya otobüs kazası 1.jpg
Makedonya kaza.jpg
Makedonya kaza 2 günlük yas.jpg

Во тешка сообраќајна несреќа до која дојде при превртување на патнички автобус на автопатот Скопје-Тетово во Република Северна Македонија, според првични добиени информации животот го загубија 14 лица, а приближно 30 лица се повредени.

Министерот за здравство на Република Северна Македонија Венко Филипче истакна дека патнички автобус излетал од автопатот Скопје-Тетово и се превртел при што во несреќата загинаа 13 лица, а 30 лица се повредени.

Тој рече дека здравствената состојба на некои од повредените лица кои се хоспитализирани е сериозна и дека меѓу повредените се наоѓа и возачот на превртениот автобус кој е хоспитализиран во болницата „8 Септември".

Во меѓувреме, во врска со несреќата пристигна изјава и од премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев кој истакна дека бројот на загинатите се зголеми на 14 лица.

Заев рече дека владата донесе одлука со која 14 и 15 февруари се прогласени за денови на жалост во земјата.

„Вечерва нашата држава тагува, ги мобилизиравме сите сили и капацитети да им помогнеме на сите повредени кои се во опасност колку што може побрзо да ја добијат неопходната помош и да им се вратат на своите најблиски. Вечерва Владата донесе одлука со која 14 и 15 февруари ги прогласува денови на жалост", изјави Заев за медиумите по одржаната вонредна владина седница по повод тешката сообраќајна несреќа која се случи на автопатот Скопје - Тетово.

Заев рече дека автобусот се движел на релација Скопје-Тетово, а несреќата се случила кај село Ласкарци. Информираше дека не се утврдени причините за несреќата, а истрагата за случајот е под раководство на надлежниот обвинител.

„Вечерва за жал животите ги загубија 14 наши сограѓани, 7 наши сограѓани починале на лице место на несреќата, 37 лица биле хоспитализирани во болницата „8 Септември", 6 од тие 37 се починати во „ 8 Септември". Во „Св. Наум Охридски" имаме 1 починато лице, 2 лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба. Едно лице е на домашно лекување од Гостивар, и во „Мајка Тереза" се осум лица од кои 3 се со сериозни повреди", рече премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев.

 



Слични вести