Министерката за одбрана Шекеринска од Брисел: Ова е историски момент за нас и за Алијансата

Министерката за одбрана на Република Северна Македонија Радмила Шекеринска изјави од Брисел кад ешто учествува на состанокот на НАТО дека ова е историска момент за земјата и за Алијансата

Министерката за одбрана Шекеринска од Брисел: Ова е историски момент за нас и за Алијансата

Министерката за одбрана на Република Северна Македонија Радмила Шекеринска, престојува во Брисел на официјалниот состанок на министрите за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО.

Шекеринска е првиот министер на земјата, кој учествува на официјален состанок на Северноатланскиот совет на НАТО.

Министерството за одбрана соопшти дека на почетокот на состанокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ѝ посакал добредојде на министерката Шекеринска и изразил задоволство за учеството на министерскиот состанок.

„Ова е историски момент за нас и за Алијансата. Заедно поминавме низ многу предизвици. Заедно остануваме одлучни да ја браниме слободата, заедничкото наследство на нашите народи, базирани на принципите на демократијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото“, истакнала Шекеринска пред министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.

Во соопштението се вели дека министерката Шекеринска нагласила дека државата е партнер на Алијансата долги години покажувајќи ја својата доверливост, посветеност и флексибилност. 

„Како полноправен член, Алијансата може да смета на нас како способни и подготвени да дадеме придонес кон колективната мисија за заштита и одбрана на нашите заеднички демократски вредности“, додава министерката.

Шекеринска посочила дека одбранбениот буџет е во пораст, согласно насоките од Алијансата за издвојување на 2 проценти од бруто домашниот производ, додавајќи дека Армијата е посветена да биде проактивен дел од структурите и мисиите на Алијансата и дека се во тек реформите за развој на интероперабилни воени сили.

„Отворените врати за Република Северна Македонија во НАТО се доказ дека Алијансата е динамична институција која гледа кон иднината и може да се носи со предизвиците на одбраната и денеска како и пред 70 години. Република Северна Македонија е со вас. Се радувам на нашата заедничка иднина“, нагласила министерката Шекеринска.

На маргините на министерскиот состанок во Брисел, министерката Шекеринска досега имаше средби со бугарскиот, со канадскиот и со британскиот министер за одбрана. Посетата продолжува со билатерални состаноци со грчкиот, со турскиот и со белгискиот министер за одбранa.

Министерката за одбран Радмила Шекеринска пред состанокот во Брисел истакна дека денешниот ден е голем ден, бидејќи Република Северна Македонија го зазема своето место на масата на НАТО.

 

                                                                                                                              (Anadolu Agency-AA)



Слични вести