Знамето на НАТО пред Владата на Македонија

„Ова е голем историски чин за афирмација на овој дел на Балканот кој беше маргинализиран како длабока европска провинција“ рече премиерот Заев

Знамето на НАТО пред Владата на Македонија

На свечена церемонија пред Владата на Република Македонија, на јарболот веднаш до државното беше подигнато и знамето на НАТО, 

На свеченоста присуствуваа дипломатскиот кор, воените аташеи на земјите членки на НАТО, пратениците на македонскиот Парламент и сите претставници на Владата. Свеченоста започна со интонирање на македонската химна од страна на воениот оркестар. Потоа Зоран Јанковиќ, шефот на канцеларијата на НАТО за врски во Скопје, му го предаде знамето на НАТО на премиерот Заев, кој пак го предаде на АРМ.

Со интонирање на химната на НАТО, знамето на Алијансата беше подигнато на јарболот, веднаш до државното знаме.

Премиерот Зоран Заев, на денешното обраќање, истакнувајќи дека ова е нова страница во историјата на Македонија, рече дека најголемата заслуга ја имаат граѓаните кои храбро исчекорија и побараа иднина која ја заслужуваат.

„Денеска овде го креваме знамето на НАТО кое заедно со европското и со нашето ја одредува нашата и иднината на нашите поколенија. Тоа не е само симболика, тоа е реалност, тоа е нова страница во нашата историја“, нагласи премиерот Зоран Заев.

Тој посебно му се заблагодари на премиерот на Грција, Алексис Ципрас, за визинерството и храброста да се реши проблемот за името.

„Посебно му се заблагодарувам на премиерот на Грција, мојот пријател Алексис Ципрас, за визионерството и храброста цврсто да се определиме да најдеме решение за еден, за многумина нерешлив проблем. Решение кое ќе биде пример и поттик за компромисни договори меѓу соседите на Балканот. Тоа ќе ги избрише лошите мемоари за Балканот кои уште постојат во свеста на многу Европејци. Ова е голем историски чин за афирмација на овој дел на Балканот кој беше маргинализиран како длабока европска провинција“, нагласи премиерот Заев.

Премиерот Заев, во своето обраќање исто така истакна дека Македонија, по децениско исчекување, од споредниот балкански колосек успеа да се врати на главниот автопат кон Европа.

Тој за денешниот ден им се заблагодари на сите претходни претседатели на државата, на пратениците, на АРМ, на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров и поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, кои преговараа за Договорот со кој на Македонија ѝ се отвори патот кон евроатлантските интеграции.



Слични вести