Иванов: Турција ја покажа својата хуманост, отворајќи ги своите врати за 4 милиони Сиријци

„Турција ја покажа својата хуманост, отворајќи ги своите врати за 4 милиони Сиријци. Турција секогаш ги отвораше своите врати за бегалците од Кафказот и Балканот“, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов

Makedonya Cumhurbaşkanı İvanov İstanbul 1.jpg
Makedonya Cumhurbaşkanı İvanov İstanbul 2.jpg

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во истанбулската населба Саријер учествуваше на конференцијата на тема „Европскиот бермудски триаголник, сменетиот баланс на Балканот и Турција“ организирана од страна на Црноморскиот стратегиски истражувачки центар (KASAM), кој спаѓа во рамките на Фондацијата „Црно Море“.

Иванов, кој беше почесен гостин на конференцијата, во своето обраќање истакна дека европските политики и обиди за стабилизација на Балканот, Кавказ и Блискиот Исток потонале во она што метафорично се нарекува бермудски триаголник, и дека денес доминираат перцепциите за овие региони, како области на поделби, конфликти, крвопролевања.

Иванов рече дека по падот на Османлискoто Царство, Франција и Англија не ги одредиле границите во регионот според желбите на заедниците, туку ги исцртале праволиниски според сопствените желби.

Посочувајќи дека во текот на своето владеење, Османлиското Царство успеало различните религии и јазици да ги сочува во мир, Иванов продолжи со зборовите: „Османлиската Империја поседуваше филозофија на почитување. Тоа претставува многу возвишен концепт. Тоа не значи принудно адаптирање, туку почитување на обичаите на различните заедници и религии...“

Иванов рече дека доколку се обидете да ги соедините Балканот, Кафказот и Блискиот Исток, во центарот ќе се најде Турција и додаде дека: „Турција е земја на која најмногу се одразува сето она што се случува на Балканот, Кафказот и Блискиот Исток“, додавајќи дека Турција како земја се наоѓа во средиштето на Бермудскиот триаголник на европските политики.

Македонскиот претседател ја пофали Турција и за нејзината политика кон бегалците.

„Турција ја покажа својата хуманост, отворајќи ги своите врати за 4 милиони Сиријци. Турција секогаш ги отвораше своите врати за бегалците од Кафказот и Балканот“, истакна Иванов, додавајќи дека Европа со прифаќањето на 1 милион бегалци, се покажала себеси како ксенофоб.

Посочувајќи на потребните нешта што треба да се направат за заедничкиот живот во 21 век, Иванов истакна дека потребно е да се поседува критичка гледна точка, која ќе помогне во решавањето на проблемите. Како втор елемент ја наведе креативноста, потоа соработката и комуникацијата. „Оние кои комуницираат се интегрираат, додека оние кои тоа не го прават, создаваат гето“, додаде Иванов.

Велејќи дека постојано го прашуваат: „Зошто Македонија е поразлична во односите со Турција од другите земји?“, Иванов на присутните на конференцијата им истакна дека одговорот лежи во тоа што бројни турски компании се потомци на луѓето кои од Македонија или од Румелија, дошле во Турција.

На крајот од конференцијата, Иванов засвире на кеманче (црноморска гусла) која му ја подари претседателот на Фондацијата „Црно Море“, Јусуф Џевахир.

                                                                                                                                (Anadolu Agency-AA)



Слични вести