Шекеринска: Следните денови Македонија ќе биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз

Македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска по потпишувањето на Протоколот за прием на Македонија во НАТО истакна дека ѝ претставува огромна чест дека сите земји членки на НАТО на Македонија ѝ посакале многу топло, силно и гласно добредојде

Шекеринска: Следните денови Македонија ќе биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз

„Македонија не е во изолација, Македонија се смета за една од ретките добри вести на европскиот континент. Безбедноста на нашите граници не ја гарантираме само ние, туку ја гарантира и Сојузот“, истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по потпишувањето на Протоколот за прием на Македонија во НАТО, во Брисел.

Таа во изјавата за медиумите истакна дека ѝ претставува огромна чест дека сите земји членки на НАТО на Македонија ѝ посакале многу топло, силно и гласно добредојде. 

„Денеска навистина ми претставува огромна чест како министерка за одбрана да видам дека сите земји членки на НАТО ни посакаа многу топло, многу силно, многу гласно добре дојде во најмоќната воено политичка алијанса во светот. Македонија не е во изолација, Македонија се смета за една од ретките добри вести на европскиот континент. Безбедноста на нашите граници не ја гарантираме само ние, туку ја гарантира и Сојузот, и тоа неминовно носи и зголемена безбедност во нашата држава, но и безбедност во регионот“, нагласи Шекеринска. 

„Ова е успех на сите граѓани на Република Македонија“, рече Шекеринска и додаде дека домашните и странските инвеститори веќе не треба да се грижат дали нивните инвестиции во Македонија се безбедни и сигурни. 

„Од утре сè ќе биде различно, веќе во следните денови Македонија ќе биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз којшто води дискусија за сите важни политички теми во светот. Голема чест ќе биде за мене дека веќе следната недела ќе можам за прв пат да учествувам на состанокот на министрите за одбрана на НАТО-земјите членки во име и на нашата земја и во име на секој граѓанин“, истакна Шекеринска. 

Таа на граѓаните им порача секогаш да го следат својот сон и вредно да работат во насока на негово остварување и додаде дека овој успех денеска дава само дополнителен поттик за следните предизвици со кои треба да се соочи земјата. 

Денеска е потпишан Протоколот за членство на Македонија во НАТО. На церемонијата одржана во седиштето на НАТО во Брисел, Протоколот во име на Македонија го потпиша шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров. На церемонијата беа присутни генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и постојаните претставници на 29 сојузници на Алијансата.

 

                                                                                                                                (Anadolu Agency-AA)



Слични вести