Со комеморации одбележана 25-годишнината од масакрот на пазарот „Маркале“ во Сараево

Со полагање цвеќе на официјалната комеморација што се одржа во Сараево беше одбележана 25-годишнината од смртта на 43 жители на овој град кои беа убиени во август 1995 година, кога силите на босанските Срби го гранатираа пазарот Маркале

Со комеморации одбележана 25-годишнината од масакрот на пазарот „Маркале“ во Сараево

Со полагање цвеќе и со читање на имињата на загинатите граѓани, на сараевскиот пазар „Маркале“ одбележана е 25. годишнина од еден од најстрашните настани во историјата на главниот град на Босна и Херцеговина, кога од минофрлачка граната со калибар 120 милиметри од позициите на Војската на Република Српска (ВРС) се убиени 68, а ранети повеќе од 140 граѓани на Сараево.

На жртвите се сетија оние кои го преживеаја масакрот, но и нивните соседи и пријатели и други граѓани кои положија венци и со молитва оддадоа почест на сограѓаните кои загинаа на ова место на денешен ден пред 25 години.

Цвеќе крај Спомен-обележјето на жртвите од масакрот положија бројни делегации и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ.

Рифат Скендеровиќ тој ден на пазарот бил со пријателите кои загинале во нападот, а тој останал неповреден. Како што вели, често го сонува „Маркале“, но ретко доаѓа, бидејќи тогаш му се враќаат сеќавањата и стравичните слики му се појавуваат пред очите.

„Бев на 50 метри од гранатата. Тргнав на кафе со Шкријељ и Субашиќ. Тие загинаа, покрај мене. Стоев додека не се соземав, а потоа повредените ги пренесував во автомобил. Не бев ранет, фала му на Бога“, се присети Скендеровиќ.

Сликите и денес се свежи.

„Повеќе пати сонувам. Сонувам крв, ранети, мртви. Тоа ќе се заборави кога ќе умреме“, порача Скендеровиќ.

Меѓу оние кои на 5 февруари во 1994 година биле на пазарот „Маркале“ е и Хасан Банда, кој тогаш бил тешко ранет, а и денеска добро се сеќава на тој кобен ден.

„И по 25 години, на тој ден се сеќавам како да беше денеска. Денешниов ден ми е тажен. Тој ден бев тешко ранет“, рече Банда.

Кадрија Хркиќ, за време на масакрот на „Маркале“ ја изгубила сестрата Емина.

„Се слушнавме телефонски половина час пред гранатата. Потоа дознав дека дошла на пазар да купи нешто за ручек. И 25 години потоа остануваат истите рани, и ќе останат. Денеска сум тажна, кога гледам дека многу бргу забораваме“, порача Кадрија.

Един Форто, премиерот на Кантонот Сараево, во обраќањето до присутните се присети на тој ден.

„Она што секогаш можеме да се запрашаме кога станува збор за сеќавањето на овој настан: Со што заслуживме, ние кои сме сега тука, стоејќи 200 метри подалеку, сега тука да положуваме цвеќе? А овие загинати луѓе беа недолжни цивили, кои биле во снабдување по секојдневни намирници“, рече Форто.

Сенида Каровиќ, претседателка на Унијата на цивилните жртви на војната од Кантонот Сараево, потсети дека „денес се навршува четвртина век од најбруталниот масакр во текот на опсадата на Сараево“.

„Опсадата на градот Сараево е најдолга во модерната историја, траеше 1.479 дена. Ранети се преку 50.000 наши сограѓани, 11.541 жител се убиени, од кои 1.601 се деца. Пазарот „Маркале“ е симбол на сеќавање на сите убиени и ранети граѓани на градот Сараево во периодот на агресијата и опсадата од 1992 до 1995 година“, порача Каровиќ.

Пред одбележувањето на 25. годишнина од масакрот на „Маркале“, одржана е и заедничка комеморативна седница на Собранието на Кантонот Сараево, Градскиот совет на Сараево и општинските совети од подрачјето на Кантонот Сараево по повод 5 февруари, Денот на сеќавање на сите убиени сарајлии во периодот 1992 - 1995 година.

Првиот од двата масакри на пазарот „Маркале“, во самиот центар на Сараево се случи на 5 февруари 1994 година помеѓу 12:10 и 12:20 часот, кога минофрлачки проектил со калибар 120 милиметри истрелан од позициите на Војската на Република Српска, на подрачјето на селото Мрковиќи, падна на преполниот градски пазар.

Најфреквентниот сараевски пазар „Маркале“, и за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година беше едно од местата за снабдување на жителите во опколениот град. На тоа место се одвиваше трговија на прехранбени производи и на сето она што на кој било начин можеше да им послужи на граѓаните на Сараево да ги преживеат тешките воени денови, вклучувајќи и размена на информации.

„Маркале“ во текот на деновите на опсадата на Сараево беше и место на средби на пријателите и место на создавање и обновување стари познанства. По војната, 5 февруари е прогласен за Ден на сеќавање на сите жртви - граѓани на Сараево во периодот од 1992 до 1995 година.

                                                                                                                       

                                                                                                                                 (Anadolu Agency-AA)



Слични вести