Зоран Заев: На 11 јануари нашата земја напиша историја, сонот станува стварност

Премиерот Зоран Заев рече: „Вчера, на 11 јануари нашата земја напиша историја, сонот станува стварност. Започна спроведувањето на договорот од Преспа за членство во НАТО и ЕУ. Заедно со вас засадивме семе...“

Makedonya Başbakanı Zoran Zaev 2.jpg
Makedonya Başbakanı Zoran Zaev 3.jpg

Премиерот на Македонија Зоран Заев своето прво обраќање по изгласувањето на уставните измени во Собранието на Република Македонија го започна со зборовите: „Вчера, на 11 јануари нашата земја напиша историја, сонот станува стварност. Започна спроведувањето на Договорот од Преспа за членство во НАТО и ЕУ. “

„Ја чувствувам и ја разбирам горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ.“ рече Заев на прес-конференцијата.

Премиерот Зоран Заев, еден ден по гласањето за Договорот за името со Грција, за, како што рече, историскиот момент, им се заблагодари на пратениците за големата и одговорна одлука.

„За овој историски момент сакам најискрено и најдиректно да им се заблагодарам на секоја пратеничка, на секој пратеник, за оваа голема и одговорна одлука. Знам колку беше тешко да се направи тоа, ја чувствувам и ја разбирам горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ. Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината. Напишавме историја и ги отворивме новите бели страници на нашата иднина. За испишување нова реалност, нова перспектива на Република Северна Македонија“, нагласи премиерот Заев. 

Тој нагласи дека Договорот ќе значи дека кон НАТО и ЕУ Северна Македонија ќе пристапи како полноправна членка. А како нивна членка, на земјата ќе ѝ се гарантира безбедноста, стабилноста, а ќе биде и економски силна. 

Ќе пристапиме кон двете најмоќни организации во светот. Сега нашето пристапување во НАТО ќе продолжи со јасен исход. Го очекуваме и почетокот за преговори за членство во НАТО. Оваа одлука им дава сила на нашите млади генерации, ова е одлука со која градиме гордост на нашите нови генерации да ја нарекуваат Македонија свој дом. Оваа е одлука за безбедна и спокојна иднина. Одлука со која нашата Република Северна Македонија е дел од напредниот и правичниот свет", рече премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој надополни дека после големата одлука се разбиени сите дилеми.

„Гласот за спроведување на Договорот од Преспа е одлука против изолацијата, против несигурноста и против сиромаштијата. Одлука што им дава сила на нашите млади генерации да се издигнат рамо до рамо со нивните европски врсници“, нагласи Зоран Заев.

Македонскиот премиер Заев напомена дека овие денови заедно со Грција ќе бидат отфрлени изолацијата и недоразбирањата и изрази убедување дека и пратениците во грчкиот Парламент ќе ја препознаат нивната улога.

Тој рече: „Силно верувам дека и грчкиот Парламент ќе го прифати договорот од Преспа. Со решавањето на спорот со Грција нема веќе отворени прашања. Презедовме одговорност и покажавме капацитет да решаваме, а не да одлагаме. Ќе го почекаме исходот од грчкиот Парламент. Белите страници на нашата иднина ќе ги пишуваме заеднички. Заедно со вас ја подготвивме почвата и засадивме семе, но тоа е само прв чекор до плодна жетва",

Заев порача дека сега треба работа дома, многу работа и дека шансата која е создадена е во наши раце. Дополни дека со ова треба да обезбедиме подобар живот за сите граѓани, подобар здравствен систем, правен систем со доверба, поголеми плати, а граѓаните избраа иднина, ЕУ и НАТО

Премиерот Зоран Заев се обрати и до опозицијата, побара од неја постојано да ја потсетува власта на своите одговорности, но и опозицијата да не попречува и да биде одговорна. 

Што се однесува до синоќешниот повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за предвремени избори, Заев рече дека тоа прашање ќе се отвори на партиските тела и дека за тоа сериозно ќе се размисли. 

Одлуките за уставните измени за имплементација на Договорот од Преспа и за измените на Уставниот закон денеска ќе бидат објавени во „Службен весник“, со што тие стапуваат на сила

Премиерот Зоран Заев, на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, за тоа што претседателот Ѓорге Иванов одбива да потпише ваква одлука, изјави дека неговиот потпис не е потребен. 

Собранието на Република Македонија вчера со 81 глас „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“  ги усвои уставните измени со кои по стапување во сила на Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспанскиот договор) уставното име на Република Македонија ќе се промени во Република Северна Македонија.                                                                                                                                                                     



Слични вести