ВМРО-ДПМНЕ бара одржување на предвремени парламентарни и претседателски избори

По изгласувањето на уставните измени во Собранието на Македонија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека бараат распуштање на Собранието и одржување на предвремени парламентарни и претседателски избори

ВМРО-ДПМНЕ бара одржување на предвремени парламентарни и претседателски избори

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по изгласувањето на уставните измени побара распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат заедно со претседателските избори.

Мицкоски, ова го изјави синоќа пред седиштето на партијата откако претходно Собранието ги усвои уставните измени, кои произлегуваат со Договорот од Преспа.

Тој истакна дека одлуката за уставните измени е на 81 пратеник, но не одлука на македонските граѓани. Со ваквата одлука се суспендира волјата на граѓаните, и преставува чин на предавство.

„Со договорот од Преспа се нанесува огромна штета и неправда врз самата македонска држава, македонските граѓани, врз минатите, сегашните и идните генерации. ВМРО ДПМНЕ во иднина ќе стори се што е во негова моќ оваа неправда да биде исправена“, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Тој додаде дека со актуелната власт во земјата, Македонија ќе продолжи да губи на сите други полиња.

„Токму поради ова ВМРО ДПМНЕ бара веднаш распуштање на парламентот и оддржување на вонредни парламентарни избори заедно со претседателските избори. На овие избори ВМРО ДПМНЕ ќе победи и така волјата на мнозинството граѓани ќе биде испочитувана“, рече Мицкоски.

Тој во своето обраќање исто така потсети дека граѓаните се тие што ја даваат и земаат власта и затоа се потребни избори.

Потсетуваме, со 81 глас „за" и ниту еден „против" и „воздржан" Собранието на Република Македонија ги усвои уставните измени, со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор).

 

                                                                                                                                                                     (Anadolu Agency-AA)




Слични вести