Македонија официјално ги започнува пристапните преговори за членство во НАТО

Пред нас е шансата нашата држава да стане членка на најмоќниот сојуз за колективна безбедност којшто обединува држави со највисок квалитет на живот и над 900 милиони граѓани

Македонија официјално ги започнува пристапните преговори за членство во НАТО

Во четврток Македонија официјално ги започнува пристапните разговори со НАТО Алијансата, изјави денес министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи, Никола Димитров и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.

Со започнувањето на пристапните разговори за Алијансата, Македонија влегува во втората фаза. Првата фаза на процесот започна со добивањето покана за НАТО во јули 2018 година.

„Во разговорите влегуваме полни со оптимизам и желба за успех. Пред нас е шансата нашата држава да стане членка на најмоќниот сојуз за колективна безбедност којшто обединува држави со највисок квалитет на живот и над 900 милиони граѓани”, изјави Шекеринска.

Министерката за одбрана упати повик до пратениците од сите политички партии да се покажат на дело.

„Пратениците од сите политички партии исправени пред историска шанса и историска одговорност. Со притискање на копчето „за“, учествуваат во финалните чекори од 27-годишниот маратон за зачленување на нашата татковина во НАТО. Успехот на Македонија зависи од нивната одлука“, истакна Шекеринска.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на заедничката прес-конференција потсети на првата Декларација на Собранието од 1993 година, во која сите политички партии се изјаснија дека иднината на Македонија ја гледаат во НАТО.

„Оваа недела, на 18. и 19., почнува процесот на пристапни преговори. Тој е краток процес, ќе заврши кон крајот на оваа, почетокот на идната година. Подготвивме програма за продолжување на реформите, со акцент на владеењето на правото и судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал“, изјави Димитров.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, во својота изјава се задржа на техничките аспекти на процесот.

„Со оваа сесија на разговори во Брисел, Македонија де факто ја отвора последната фаза пред членството во своите односи со НАТО, која претставува суштински чекор во процесот кој ќе нѐ донесе до реализација на нашата најголема стратешка цел. Се разбира, нема никаква дилема дека сето тоа мора да оди претходно преку целосна имплементација на Преспанскиот договор“, нагласи Пендаровски.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, исто така нагласи дека според сите анализи направени од релевантните институции, членството на Македонија во НАТО ќе биде значајно за безбедноста и стабилноста на Македонија, но во исто време ќе биде и позитивен пример и придонес кон регионалната безбедност, стабилност и просперитет во регионот на Западен Балкан.



Слични вести