Александар Вучиќ: Белград и Приштина се далеку од решение

„Народот ќе може јасно и прецизно да се изјасни за потенцијалниот договор до кој можеби би можеле да дојдеме еден ден“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ

Александар Вучиќ: Белград и Приштина се далеку од решение

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Белград изјави дека Белград и Приштина се далеку од решение, но дека нема да има никакви тајни одлуки и дека доколку некогаш се дојде до решение, за тоа ќе ги извести граѓаните, јавува Новинската агенција Анадолија (Anadolu Agency, AA).

Тој и на конференцијата за новинарите за преговорите за решение на прашањето за Косово рече дека во септември, за кога е закажана нова рунда на преговорите, претстојат тешки денови пред официјален Белград.

„До какво било компромисно решение е тешко, речиси невозможно да се дојде“, рече Вучиќ.

Тој рече дека решение за прашањето на Косово е потребно што поскоро, бидејќи е потребен долготраен мир помеѓу Србите и Албанците.

„Неопходно ни е решение кое би значело создавање на некој вид сигурност и безбедност за нашите граѓани“, рече Вучиќ.

Тој рече дека Србија ќе инсистира на решавање на односот кон Српската православна црква (СПЦ) на Косово и решавање на прашањето за српскиот имот.

Вучиќ рече дека кога станува збор за СПЦ потребно е формирање на заштитени зони и дека имотот на црквите мора да остане на СПЦ чие седиште е во Белград.

Говорејќи за прашањето на имотот, Вучиќ рече дека мора да се реши приватниот имот на Србите, имотот на СПЦ, имотот на стопанските субјекти на Косово, а кои се регистрирани во централна Србија, како и државниот и општествениот имот на Србија во Косово.

„Имотот на Косово до 1999 година се водеше во катастарот на земјиштето. Поседуваме точни, прецизни и валидни податоци“, рече претседателот на Србија.

Вучиќ рече дека поминаа 1.930 дена откако Приштина не ја исполни својата обврска за формирање на Заедница на српски општини (ЗСО) и дека на Србите им се ускратени многу права поради тоа.

„Според Бриселскиот договор, ЗСО е таа која предлага командант на регионалната полиција за север. Заедницата на српските општини предлага четири кандидати, а Приштина од нив бира еден. Денес тоа не можеме да го оствариме, бидејќи нема ЗСО, па командантот за север ни го бира Приштина“, рече Вучиќ.

Тој рече дека Србите можат да формираат Заедница на српски општини, но дека Приштина со помош на меѓународни фактори тоа го искористи да влезе на северот, да заземе витални ресурси и да воспостави контрола и дека затоа Србија ќе ги следи случувањата во меѓународната заедница и ќе бира момент и потег за спроведување на своите интереси.

Вучиќ рече дека од светските сили, независноста на Косово не ја признаа Русија и Кина, а од регионалните, Индија и Бразил, додека западните земји „кои одлучуваат за нашата судбина“, го признале Косово.

Тој изјави дека би сакал товарот на решението на Косово да го преземе сам, но дека тоа според Уставот не е возможно и дека одлуката мора да ја донесат граѓаните.

„Народот ќе може јасно и прецизно да се изјасни за потенцијалниот договор до кој можеби би можеле да дојдеме еден ден“, рече Вучиќ и додаде дека референдумското прашање нема да биде конципирано на начин во него да бидат поврзани членството во ЕУ и договорот со Косово.

                                                                                                                                              (АА)



Слични вести