Балканска агенда 35-2017

Дали ќе можат да заживеат економиите на Балканските земји?

Балканска агенда 35-2017

Економијата е тема која во последно време најмногу ги интересираше лидерите на балканските земји. Скоро сите балкански земји се обидуваат да најдат излез од економската криза која трае со години. Основните цели на балканските земји се подобрување на производствените капацитети и зголемување на стапката на вработеност. За жал регионот сеуште не успеа да изнајде заедничка визија во врска со тоа како ќе се реализираат овие цели.

Се додека трае кризата во Европа истата неминовно ќе се одрази и врз балканските земји. Економската криза во Балканските земји е структурален проблем кој постои независно од економската стагнација во Европа. Недостигот на конкуренција во сферата на извозот е еден од темелните проблеми со кој се соочуваат балканските земји. Додека продолжува рентабилитетот на увозот, земјите во регионот се соочуваат со проблеми на дефицит. Кога на сето тоа ќе се додаде и дефицитот предизвикан од јавните трошоци, тогаш доаѓа до двоен дефицит на земјата. Излезот на земјата од економската криза треба да го намали двојниот дефицит во балканските земји.

Излезот од економската криза бара одговорност, визија, долгорочни напори и општествен консензус кој ќе се заснова на прифаќање на фактот дека излезот од економската криза нема да биде едноставен и лесен процес, дека за подобра иднина, уште од денес треба да се вложат поголеми напори и пожртвуваност. Освен тоа, политичарите наместо популистички политики кои се засноваат само на спасување на денешниот ден, треба да се раководат согласно економските политики и за цел да имаат висок напредок на земјата на долгорочен план.

Невработеноста е сериозен проблем со кој се соочуваат балканските земји. На пример, податоците на Светската банка покажуваат дека во периодот од 2010 до 2016 година, стапката на невработеност на Косово изнесуваше 45 насто, во Македонија 31 насто, во Босна и Херцеговина 28 насто, во Грција 24 насто, во Србија 20 насто, во Црна Гора 20 насто, во Хрватска 13 насто, во Албанија 15 насто, во Бугарија 13 насто. Само во Романија стапката на невработеност можеше да се изрази со едноцифрена бројка и изнесуваше 7 насто. Високата стапка на невработеност предизвика постојано иселување на населението од балканските земји. Не е во прашање само емиграција, факт е дека главните градови на балканските земји се пренаселени, па затоа населението беше принудено да мигрира во западните земји.

Балканските земји се принудени да се борат против невработеноста истовремено поттикнувајќи ги условите за работа на долгорочен план. Поттикнувањето на малите и средни претпријатија е многу значаен фактор во целиот овој процес. Борбата против невработеноста бара и реформи во образовниот систем, која со себе ќе донесе и потреба за формирање човечки капитал со кој на здрав начин ќе може да се одговори на барањата на пазарот. Факт е дека во поголемиот број балкански земји образовниот систем е одвоен од пазарот, поради што доаѓа до продолжување на зголемувањето на армијата на невработени.

Дали е можно да се поттикнат производството и стапката на вработување со финансиски политики кои имаат за цел намалување на буџетскиот дефицит? Доколку рационално се искористи и најмалата можност на буџетот, тогаш е можно да се спроведе оваа политика. Освен тоа, балканските земји треба да ги искористат и своите природни извори и туристички потенцијали за да остварат нов прилив на приходи.

Исто како што е пример и кај балканските земји, во помалите и земјите со помала стапка на конкурентност од надворешната средина, поттикнувањето на порастот на производството е еден од неизбежните фактори. Доколку се поттикнат побарувачката и доколку домашното производство не може да одговори на барањата на истото, тогаш овој процес може да заврши со зголемување на увозот. Целата оваа ситуација може да предизвика поголемо зголемување на дефицитот во земјата.

Со зголемување на производството и вработеноста на индиректен начин може да се зголеми извозот. Но наместо продажба и извоз на евтина стока, ќе биде многу подобро и покорисно порастот на извозот да се оствари со конкурентски производи кои ќе бидат подржани со иновациски политики. Секако дека во целиот овој процес треба да продолжат напорите за да се привлече странскиот капитал, бидејќи внатрешната заштеда кај балканските земји не е доволна да го подржи економскиот раст. Балканските земји вложуваат голема надеж во фондовите на ЕУ, особено кога е во прашање подобрувањето на сообраќајната инфраструктура.

Автор на програмата е д-р Ерхан Турбедар.



Слични вести