На 15 октомври локални избори во Македонија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, го потпиша Решението за распишување на локалните избори

На 15 октомври локални избори во Македонија

Џафери, согласно роковите од Изборниот законик, решението за локалните избори за членови на советите на општините и советот на Град Скопје, како и за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје, го потпиша за 15 октомври 2017 година.

„Според законските одредби, локалните избори ќе се одржат на 15 октомври (недела) 2017 година. Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до органот за спроведување на изборите, Државната изборна комисија на Република Македонија“, истакна Џафери, кој упати апел до сите учесници во изборниот процес да се однесуваат во согласност со Уставот и законските одредби, а на надлежните институции им порача да обезбедат изборниот процес и изборниот ден да протечат во мирна, фер и демократска атмосфера.

Џафери истакна дека во периодот на изборната кампања, која ќе започне 20 дена пред денот на одржување на изборите, Парламентот нема да одржува пленарни седници, но ќе работи.

„Тоа e со цел пратениците да имаат можност да се посветат целосно на изборната кампања, а во истовреме да се одбегне можноста собраниските седници да се претворат во предизборна кампања“, нагласи претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.



Слични вести