Балканска агенда 46-2018

Корупцијата – крвавата рана на Балканот

Балканска агенда 46-2018

Според едно истражување на Центарот за демократски истражувања со седиште во Софија, беше изнесено тврдењето дека корупцијата во Бугарија е 2 до 3 пати поголемо од останатите европски земји. Според резултатите од истото испитување, податоците укажуваат дека оваа стапка во Романија е повисока од онаа во Бугарија. Во едно друго истражување беше изнесено дека корупцијата во Босна и Херцеговина предизвикува загуба од 1,7 милијарда евра. На сличен начин се привлекува внимание дека корупцијата во Србија претставува најголем општествен проблем во земјата. Наведените примери потсетуваат на тоа дека корупцијата се наоѓа меѓу најсериозните проблеми на Балканските земји. Затоа потребата од борба против корупцијата стои како основен предизвик пред сите Балкански земји.

Иако поткупот и корупцијата уште од античко време се основните прашања кои го вознемируваат човештвото, економските и социјалните трошоци предизвикани од корупцијата особено во последните 25 години многу повеќе почнаа да го привлекуваат вниманието. Факторите како што се географската местоположба на Балканот, распаѓањето на Титова Југославија, војните во 1990-тите години и годините на економска трансформација, беа причина за појава на поволна основа за корупцијата на Балканот.

На пример во 1990-тите години, државните институции во Србија која беше вовлекувана од војна во војна, беше бомбардирана од страна на НАТО и се наоѓаше под ембарга на ОН и ЕУ, сериозно беа вмешани во криминални активности. Во истите години во Хрватска само оние кои имаа блиски врски со владејачката партија можеа успешно да ги продолжат своите трговски активности. Во Бугарија, врските помеѓу криминалните субјекти и официјалните државни органи долго време го окупираа дневниот ред на земјата.

Напорите за развој на новоформираните држави на Балканот, поради заканите и слични прашања кои се перцепцираа од аспект на загрозувањето на националната безбедност и малцинствата, предизвикаа прашањето за борба против корупцијата со задоцнување да се најде и на дневниот ред на Балканските земји. Со поставувањето на интеграцијата со евроатлантските институции како една од основните цели на надворешната политика на Балканските земји, прашањето за борбата против корупцијата неминовно се појави пред регионалните земји како неделлив дел на задолжителните реформи.  Особено извештаите кои беа објавени од страна на Европската комисија привлекувајќи внимание на сето она што треба да се направи во сферата на борбата против корупцијата во Балканските земји, речиси нудеа патна карта по ова прашање.

За разлика од неодамнешното минато, денес во Балканските земји  постојат граѓански организации кои располагаат со капацитет, а кои што би можеле да одиграат активна улога во борбата против корупцијата. Од друга страна, благодарение на кампањите кои што ги водат граѓанските организации и медиумските извори против корупцијата како и активностите за кревање на свеста,  денес во сите Балкански земји постои неопходната општествена поддршка за борба против корупцијата. Но и покрај поволните случувања на тоа поле, во различни извештаи кои што се објавуваат, Балканските земји продолжуваат да добиваат лоши оценки по прашањето на корупцијата. На пример во извештаите на Меѓународната организација „Транспаренси Интернешенел“ Балканските земји и натаму продолжуваат да се прикажуваат како земји кои најмногу се вовлечени во корупција.

Во извештаите на Организацијата „Глобален интегритет“ се истакнува дека и натаму се недоволни механизмите за борба против корупцијата во Балканските земји. И од извештаите на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан се изнесува дека недоволноста во борбата против корупцијата претставува заеднички проблем на регионалните земји. Дури и Бугарија и Романија како земји членки на ЕУ често се критикуваат од страна на Брисел поради корупцијата.

Фондовите кои се одделуваат од страна на меѓународните финансиски институции во борбата против корупцијата, во суштина се обидуваат да ја зајакнат контролата на граѓанските организации во Балканските земји. Паралелно со тоа се вршат различни притисоци врз владите на регионалните земји за остварување на неопходните реформи. Меѓутоа недостигот на политичка волја кај владите продолжува да претставува основна причина на неуспехот во борбата против корупцијата. Затоа се налага потреба од развивање на други стратегии кои што ќе овозможат политичките партии да заземат поактивна улога во борбата против корупцијата. Треба да се подвлече дека борбата против корупцијата на Балканот во име на зајакнувањето на развојот, стабилноста, демократизацијата и правната држава во овој регион е од животно значење.

Автор е д-р Ерхан Турбедар



Слични вести