Резервна варијанта и план Б во политиката

Наглото зголемување на очекувањата за постигнување решение во „спорот со името“ и пробив во евро-атлантска агенда на Македонија и актуелната влада.

Резервна варијанта и план Б во политиката

Важноста на разработката на „Планот Б“ во политиката најчесто се покажувало како подеднакво значајно како и работењето врз „Планот А“. Не само затоа што подготвеноста за неуспех на примарниот план е неопходност за да се преживее следниот ден, следната недела и следниот месец по „денот Д“, туку и затоа што, ако се добро промислени, резервните варијанти помагаат да се подобри и самата главна опција во секоја стратегија врз која примарно се работи.

Се разбира, мислам на наглото зголемување на очекувањата за постигнување решение во „спорот со името“ и пробив во евро-атлантска агенда на Македонија и актуелната влада.

После големи перипетии и внатрешно-политички драмски заплети (во кои Груевски до последен момент осцилираше околу сакам-нејќам опциите за разрешување на спорот), на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година се замина со големи очекувања дека, со така решителната поддршка на тогашниот американски претседател Џорџ Буш зад нас, нашиот прием во Алијансата беше толку извесен, што речиси беше очекувано на самиот самит да се случи само формалната потврда дека формулата, заткулисно, е најдена, а приемот и официјално верификуван.

Како што е познато, во последен момент Грците го повлекоа потезот со ветото и на Македонија и приредија вистински „студен туш“ не само на Македдонија, туку и на добар дел од меѓународната заедница, на чело со САД.

Тоа Македонија, со неподготвена варијанта „Б“, скапо ја чинеше. Не само затоа што продолжи неизвесноста околу меѓународна и регионална позиција и стабилност на државата , туку уште повеќе и заради бранот од разочараност и незадоволство што се прошири од самиот врв на власта, дека Македонија е меѓународно понижена и неценета. Тоа, пак, ширум ги отвори вратите за една растечка политика на недоверба, а подоцна дури и кавгаџиство на домашната владејачка елита кон македонските западни сојузници, кон соседите и со сите оние кои дома повикуваа на продолжување на македонските прозападни, проевропски стратегиски интереси и активности.

Во годините што следуваа, власта на Груевски, како навреден тинејџер, полека стануваше сѐ понедемократска, растечки популистичка и, конечно, сосема криминализирана. Режимот влегуваше од авантура во авантура, оддалечувајќи се од реалниот европски пат, силно поддржан од небулозните архаични прикаски раскажувани од епски расположениот претседател на државата Ѓеорге Иванов. Речиси како отворен гест на продолжена одмазда и презир кон западните либерални демократски стандарди. Земаа калашников и го испразнија шаржерот во сопственото, односно во нашето, колено!

 Сега, навистина, во поповолни регионални и (за нас) глобални околности, очекувањата повторно се билдаат со нескриен оптимизам – предводено од премниерот Зоран Заев неговите министри за Надворешни Работи и Одговорен Министер за Евроатлантски интеграции Никола Димитров и Бујар Османи, дека шансите за решавање на спорот ни растат од ден во ден и дека е само прашање на месеци до зачленувањето на Македонија во НАТО и до започнувањето преговори со ЕУ. Лично, мислам дека работите се одвиваат во добра насока, но дека ќе има уште многу фурни леб да се испечат додека го добиеме бараниот сомун в рака.

 Би било добро Владата, а и пошироката јавност, паралелно со растечкиот оптимизам, да подготвуваат и еден „резервен падобран“, за да не се случи репризно да си го скршиме вратот ако дојде денот на падот од високо, со уште едно наше големо меѓународно разочарување. Грција денес е во поинаква, но не е во послаба позиција од 2008 година за да не може повторно да си дозволи „да ја  пушти низ вода Македонија“.

 Оти, во таква непосакувана, но можна ситуација, кои ќе бидат аргументите и политиките на оваа Влада? На пример, каде тогаш, со изгубен ентузијазам, ќе ја лоцираме компензацијата за македонскиот и така проблематичен капацитет за спроведување на реформите во општеството? Или, ќе значи ли тоа оставка на министрите за надворешни работи и на оној за европска интеграција. Уште поважно: како ќе продолжиме со проектот за модерна мултиетничка демократија чијашто силна поддршка за СДСМ од десетици илјади албански гласачи е втемелена и во, со право, зголемените евро-атлантски надежи врзани за успехот на Заев? Конечно, што ќе правиме со силната, оптимистичка, победничка харизма на самиот Заев по еден таков, објективно, неуспех?

Затоа: Владата под хитно треба да спреми „План Б“, за зло не требало!

 

Автор Ремзи Џанова



Слични вести