Почина турскиот доајен на фотографијата Ара Ѓулер

Сочувство до семејството на Ѓулер упати и претседателот Реџеп Таип Ердоган

Почина турскиот доајен на фотографијата Ара Ѓулер

Легендарниот турски и светски познат фоторепортер и фотограф, Ара Ѓулер, почина синоќа во Истанбул во 90. година од животот.

Ѓулер вчера доживеа срцев удар, по што е префрлен на интензивна нега во истанбулската болница „Флоренс Најтингејл“, но кусо време потоа ја изгуби животната битка.

Сочувство до семејството на Ѓулер упати и претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган.

Ѓулер меѓу љубителите на фотографијата ќе биде особено запаметен по црно-белите фотографии на градот Истанбул. Неговите „Портрети на Истанбул“ се изложени во градовите низ светот со наслов „Околу Истанбул“.

Тој боледуваше од бубрежна слабост и последните неколку години беше приморан дневно да прави по три терапии.

„Дијализите ме закоравуваат. Три дена во неделата не можам ништо да правам. Тоа секојпат ми зема по четири часа дневно и навистина е неподносливо“, рече Ѓулер во последното интервју што го даде за АА.

Сепак, староста и болеста не го спречија Ѓулер да продолжи да се занимава со својата работа, фотографијата.

Ѓулер потекнува од семејство на турски интелектуалци. Неговата мајка е од ерменско семејство кое имало повеќе куќи во истанбулската населба Бејоглу. Таткото на Ѓулер, кој останал сираче на шест години, бил лекар во турската војска за време на Битката кај Галиполе во 1915 година.

Благодарение на познавањата на неговиот татко, Ара многу млад асистирал во голем број филмски проекти и во театрите во Бејоглу. Театарските актери и уметници доаѓале кај неговиот татко да купат шминка за претставите. Во една таква пригода, Ѓулер го запознал основачот на турскиот модерен театар, Мухсин Ертугрул, со кого подоцна и соработуваше.

„Ѓулер секогаш сакаше да биде драмски писател“, напиша Незих Тавлаш во биографијата за Ѓулер објавена во 2003 година, со наслов „Фоторепортер“.

На 22 години го набавил првиот фотоапарат „Rolleicord II“, чија прва серија излезе во 1933 година. Неговата кариера како фоторепортер започна во 1950 година кога почна да работи за локалниот весник „Нов Истанбул“ (Yeni Istanbul).

Ѓулер имаше можност да се сретне со светски познатиот француски фоторепортер Анри Картие Берсон, но тоа успеа преку Ромео Мартинез, главен уредник на списанието „Камера“ (Camera). Потоа стана член на „Magnum Photos“, меѓународно здружение на фотографи.

До крајот на педесеттите години од минатиот век работеше за многу светски познати списанија, како „Тајм“ (Time) и „Лајф“ (Life) во САД, францускиот неделник „Пари мач“ (Paris Match) и германскиот „Дер штерн“ (Der Stern). Има пропатувано од Пакистан до Кенија, од Нова Гвинеја до Борнео.

Во Судан престојуваше во 1978 година, непосредно пред втората Еритрејска граѓанска војна, и известуваше за судирите меѓу бунтовничките групи. Непосредно пред воениот удар во 1980 година во Турција, Ѓулер отиде во Монголија, за да фотографира натписи од осмиот век. Потоа, во 1990 година, Ѓулер заедно со својата сопруга отпатува во Индонезија, од каде што известуваше за канибалските племиња.

Но она што е забележано како негов голем успех во Турција е откривањето на античкиот град Афродизијас, во западната турска област Ајдин во 1958 година. Враќајќи се од задачата, на која следел отворање на брана, неговиот возач залутал и завршиле во село, чии жители во секојдневниот живот ја користеле античката архитектура.

Ѓулер во 1957 година бил на Филмскиот фестивал во Кан каде што се сретнал со легендарни имиња од филмската индустрија, вклучувајќи го и американскиот режисер Орсон Велс, италијанскиот книжевник Алберт Моравија и шпанскиот сликар Пабло Пикасо.

Ѓулер ги фотографираше Винстон Черчил, Џон Бергер, Алфред Хичкок, Салвадор Дали, како и бројни други светски познати имиња



Слични вести